Граѓаните на Македонија по повиците на социјалните мрежи се очекува денеска да не пазаруваат во маркетите поради високите цени. Иницијативата која прво се случи во Хрватска, а вакви акции се најавени и во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија, доби поддршка од пошироката јавност во Македонија. Се разбудија и надлежните институции и најавуваат ригорозни контроли во маркетите и трговските објекти и итна реакција на терен. Подршка дадоа и партии од власта и опозицијата.
На еднодневен бојкот на продавниците во петок, 31 јануари повикуваат граѓаните на Македонија на социјалните мрежи.
Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат кон бојкотот за да се испрати јасна порака до одговорните за економската состојба.
„Попусто попусти кога цените се исти. Повикуваме на масовен бојкот во петок. Воздржете се од купување во големите маркети, избегнувајте ги помалите маркети. Сакаме да испратиме порака дека граѓаните нема да ги толерираат овие нереални поскапувања“, се вели во повикот на социјалните мрежи.
Поддршка за јавниот повик за бојкот дојде и од Организацијата на потрошувачи на Македонија од каде предлагаат Владата да преземе подолгорочни мерки за да се заштити стандардот на граѓаните.
– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, изјави претседателка на ОПМ, Мирјана Лончар во изјава за МИА.
Поддршката за иницијативата за бојкот на маркетите вчера дојде и од Занаетчиската комора, која воедно, ги повика граѓаните да направат поправеден избор и да пазарат кај малите занаетчии.
– Целосно го поддржуваме бојкотот на маркетите, меѓутоа апелираме до граѓаните секогаш кога ќе имаат можност да купат леб, други прехранбени продукти во занаетчиските пекари, други дуќани за да се поддржи локалното производство. Воедно, апелиравме и до занаетчиите да ги намалат цените на своите продукти, изјави претседателот на ЗКРСМ, Агрон Фазлији.
Од ЗКРСМ велат дека цените кај малите бизниси и занаетчиите се пониски и подостапни за сите, и најави дека денеска кај занаетчиите ќе бидат за десет проценти пониски за купувачите.
-Ова е мал, но важен чекор за да покажеме дека локалната економија може да ги поддржи граѓаните со поправедни цени и подобар квалитет. Апелирам секогаш кога се во можност, не само за време на бојкотот, туку секогаш, купувачите да избираат продукт кај малите занаетчии, повика Фазлији.
И дел од политичките партии излегоа со поддршка за бојкотот, но и со различни ставови кој е одговорен. Опозициската СДСМ одговорноста за состојбите ја лоцира кај власта. СДСМ ја оцени како скандалозна изјавата на професорот Трајко Славески дека бојкотот на маркетите ќе биде залуден, бидејќи нема да го даде ефектот што многумина го посакуваат. Славески решението го гледа само на едно место – кај пазарот, бидејќи тој е единствениот кој може да ги креира цените на производите.
Опозициската партија смета дека обврска на власта е да ги зголеми платите, а не да се обидува да ги замолчува.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, нагласија дека го поддржуваат бојкотот против ланците на профитери, за кои обвинија дека СДСМ ги штити и сака да ги амнестира. Ставовите на Трајко Славески се лични, посочија од партијата и нагласија дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и недвосмислена.
-Изразуваме разбирање за револтот на граѓаните и поддршка на најавениот бојкот. Институциите излегуваат на терен да се борат против ланците на профитери кои за жал СДС ги штити и преку вакви димни бомби и прашини сакаат да ги амнестираат вистинските профитери. Филипче да каже колку од ланците профитери го платија да држи прес-конференции со кои ќе спласне темата и дефокусира од проблемите, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски најави контроли во тие трговски ланци.
Мицкоски најави одлучна, одговорна и транспарентна акција во борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои директно влијаат на животниот стандард.
– Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.
Партијата на пензионери деновиве, исто така, излезе со соопштение во кое ги повика своите членови да дадат поддршка на најавената акција за бојкот.
– Пензионерите како една од економски најзагрозените категории во општеството, длабоко е засегната од вкоренетата пракса на огромен број на трговци и трговски ланци за манипулација и изигрување на Законот за нефер трговски практики, што дефинитивно претставува акт за најостра осуда. Затоа Партијата на пензионери во целост ја поддржува иницијативата и ги повикува своите членови, сите пензионери и граѓани да го покажат својот став со конкретна акција за бојкот на сите оние кои на грбот на сите нас остваруваат енормни, нефер и неетички финансиски профити. Во исто време, Партијата на пензионери бара и ја поддржува Владата во преземања на крајни и ефикасни мерки за конечно и долгорочно решавање на оваа константна пракса на трговците во земјата, велат оттаму.
Податоците на Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Во делот на храната и пијалоците се бележи зголемување од 123 денари. Воедно од ССМ, посочуваат дека вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемвање од 10,63 проценти.
Сметаат дека се оправдани нивните барања за зголемување на минималната плата и на сите останати плати и оти се потребни и други мерки од страна на Владата за да се заштити животниот стандард на граѓаните.
Најновите статистички податоци покажуваат дека трошоците на живот во 2024 година во однос на 2023 година бележат пораст од 3,5 проценти, а цените на мало од 3,8 проценти.
Во очекување на бојкотот, дел од маркетите вчера објавија намалување на цените на одредени производи, акции за потрошувачите, а некои планираат попис.
Ј. Ѓ.