Смртта на 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино, која го загуби животот во сообраќајна несреќа на „Партизанска“ во Скопје, уште еднаш ја истакна негрижата на институциите, бидејќи возачот осомничен за кобната несреќа има досие и за други казнени дела.
Статистичките податоци на МВР велат дека 24 пешаци настрадале само минатата година. Во 2024 – во сообраќајни несреќи жртви биле 853 пешаци, а 214 завршиле со тешки телесни повреди. Овие податоци се уште не се официјални, поради исполнување на законскиот рок од 30 дена од последната случена сообраќајка на 31 декември.
Официјалните податоци на МВР покажуваат дека секоја година, од 2010 наваму, на државните патишта гинат помеѓу 116 и 198 луѓе.
Најлоша статистичка година била 2013. Тогаш, во 170 сообраќајни несреќи со загинати лица животот го загубиле 198 луѓе.
Возачот што ја прегази девојката на „Партизанска” бил без дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло, информираат од Обвинителството
– Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала, се наведува во соопштението.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера донесе наредба за спроведување истражни постапки против 20-годишно лице осомничено за тешки кривични дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот.
Осомничениот возач со претходни кривични дела
Против 20-годишниот возач што ја усмрти младата Фросина, претходно имало пријави за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и за сообраќајна незгода во која едно лице се здобило со полесни повреди. Осомничениот бил во притвор, а потоа Основниот кривичен суд Скопје одлучил да му изрече воспитна мерка упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка.
Како што соопштија од Обвинителството, на 30 март 2024 година, Министерството за внатрешни работи поднело кривична пријава против осомничениот за кривично дело според член 215 од Кривичниот законик. Веднаш истиот ден, јавниот обвинител донел наредба за поведување истражна постапка и предложил мерка притвор.
Осомничениот бил достапен на органите на прогонот од 2 април 2024 година и веднаш започнал да ја издржува мерката притвор. Од Обвинителство велат дека истрагата завршила за помалку од два месеци, а на 21 мај 2024 година јавниот обвинител поднел обвинителен акт и побарал продолжување на мерката притвор, што било прифатено.
– Притворот беше продолжен до 31 јули 2024 година, кога Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која го огласи осомничениот за виновен и му изрече воспитна мерка – упатување во воспитно поправен дом, укинувајќи ја притворската мерка, велат од Обвинителство.
Дополнуваат дека на 30 септември 2024 година, јавниот обвинител вложил жалба незадоволен од пресудата, барајќи построга казна. Жалбата била во однос на воспитната мерка, бидејќи за притворот не е дозволена жалба.
Според информациите на ОЈО, против осомничениот е поднесена уште една кривична пријава на 1 февруари 2023 година за сообраќајна незгода од 4 ноември 2022 година, во која едно лице се здобило со полесни повреди.
-Јавниот обвинител донесе решение да не се презема кривично гонење, а осомничениот се согласи да уплати 18.000 денари во Буџетот на РСМ. Освен ова, МВР поведе и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави против лицето не се поднесени, дополнуваат од обвинителството.
Јавноста и опозицијата бара максимална казна за сторителот кој ја усмрти Фросина, како и правда и поголема безбедност на улиците
Мирен собир е закажан за денеска во 15 часот во Неготино.
– Со огромна болка и револт предлагаме да се собереме на мирен собир во чест на нашата Фросина, која беше свирепо прегазена на улица. Живееме во општество каде што возењето под дејство на алкохол е целосно нормализирано – време е да кажеме „Доста е!“, Да се собереме денес во 15 часот на плоштадот во Неготино, да ѝ оддадеме почит и да испратиме јасна порака. Безбедноста на улиците мора да биде приоритет. Одговорноста мора да биде неизбежна. Жртвите не смеат да останат само бројки. Да не се повтори!!!, велат организаторите на протестот.
Протест има закажано денеска и во Скопје, во 13 часот, како и во недела во Кавадарци.
– СДСМ бара максимална казна за сторителот кој ја усмрти Фросина, бараме правда и поголема безбедност на улиците. СДСМ изразува длабоко жалење и сочуство кон семејството на трагично загинатата Фросина. Овој шокантен настан уште еднаш ја покажува сериозноста на проблемот со безбедноста на улиците и потребата за итно и решително дејствување од страна на институциите. СДСМ бара максимална казна за сторителот во брза и транспарентна постапка. Го поддржуваме револтот на граѓаните и нивните барања за правда и поголема безбедност. Во знак на солидарност Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) ќе се приклучи на протестот. Протестите се легитимно право на народот да изрази незадоволство и барање за одговорност од оние што не си ја извршиле својата должност, реагират од опозициската СДСМ.
Владата и Министерството за внатрешни работи, додават во нивната реакција, мора итно да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста на улиците.
– Не смееме да дозволиме нови трагедии поради институционална небрежност. Ги повикуваме сите надлежни органи да дејствуваат дејствуваат без одложување и да обезбедат правда за жртвата и нејзиното семејство. Време е за одговорност, наведуваат од СДСМ.
И Студентски отпор изразува длабоко сочувство до семејството на нивната колешка Фросина Кулакова. Оваа загуба е резултат на системски недостатоци кои ја загрозуваат безбедноста на сите нас.
„Долгогодишната неказнивост, институционалната негрижа и структурното насилство не само што ни ги одземаат можностите во образованието, туку резултираат и со трагедии што не можат да се преболат. Оваа неправда нема да остане без одговор!
Дестан Јонузи