Никој во Европа не сака војната да продолжи, Украинците сакаат мир, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас на прес-конференција по состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел.
Таа нагласи дека секоја одлука за ова прашање мора да биде донесена со учество на Европа и Украина.
– Договор без Украина и ЕУ нема да успее, САД мора да соработуваат со нас, наведе Калас.
Таа истакна дека „нема сомнеж кој кого нападнал, Русија ја нападна Украина пред три години“ и оти „ЕУ ја поддржува Украина“.
Калас најави и дека се подготвуваат повеќе санкции против Русија откако Советот на ЕУ денеска ги прошири рестриктивните мерки против Москва и Минск.
Калас утре ќе отпатува за САД, каде ќе се сретне со државниот секретар Марко Рубио.