Српските студенти ги повикаа граѓаните да истакнат протестни знаци насекаде во нивните градови, општини и села пред големиот митинг во Белград во сабота на 15 март, пренесува Н1.
„Ги повикуваме сите граѓани со своите постапки да исткаат знаци на поддршка во големото знаме на отпорот. Секој транспарент на излогот, секој постер во продавницата, секоја порака на автомобилот – тоа се искри што го осветлуваат пламенот на единството. Замислете ја Србија како река која тече кон една цел – секој град, секое село, секоја улица нека стане нејзина притока, носејќи силна порака кон 15 март, денот кога Србија мора да биде во Белград, на најмасовниот митинг досега“, порачаа Студентите во блокада.
Оттаму додаваат дека факултетите кои студентите ги блокираат веќе трет месец се обележани со транспаренти и пораки за отпор и констатираа дека сега е време да ги претвориме нашите домови, дуќани, улици и населби во жив мозаик на поддршка.
„Замислете како би изгледало кога секој излог, секој балкон, секоја порта би ја шепнал истата порака – кога овој протест би бил насекаде, во срцето на секој град, на секоја улица, на секој поглед на минувачите“. „Ова не е само симболична акција – ова е знак дека цела Србија е будна, дека секој агол од земјата одекнува во еден глас“, се вели во соопштението на студентите.
Порачаа дека 15 март треба да биде ден кој Србија нема да го заборави.
„Нека им биде јасно на сите – нема да застанеме, нема да дозволиме да не игнорираат, нема да дозволиме овој ден да помине во тишина. Ова е нашиот момент. Ова е нашиот глас. Нека знаат сите – на 15 март Србија е во Белград“, велат студентите.