Eдна од главните теми и во јавноста изминатиот период беше – зачувување на процесот на евроинтеграциите и паралелното сојузништво со САД, или заземање страна.
Но, како треба да се позиционира Северна Македонија?
Јани Макрадули поранешен пратеник и висок функционер во СДСМ за Фронтлајн вели дека во овој момент може да се констатира дека не само за ЕУ, туку не постои никаков концепт во меѓународната политика на нашата држава, воопшто.
– За само 9 месеци, паднаа во вода сите предизборни ветувања, како на ВМРО-ДПМНЕ, така и на ВЛЕН. Ниту има нова преговарачка рамка, ниту за 6 месеци се случија уставните измени. Дополнително, показател дека се бега од ЕУ патот, е односот кон соседна Република Бугарија. Во јавноста се купуваше време со немањето влада во Бугарија, но сведоци сме дека нема ниту една иницијатива од владата. Ако е приоритет ЕУ, зарем нема да се биде досаден со постојано барање за средби? Нас ни гори, затоа, ние сме тие кои мора континуирано да бараме средби, вели Макрадули за Фронтлајн.
Според него, врв на хаотичното однесување е напуштањето на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
– Амбасадорите кај нас се вчудоневидени, и упатуваат јасна порака дека се вреднуваат активностите, а не зборовите. Дека се нема ЕУ концепт, зборува и фактот дека планот за раст и развој е во хибернација, а “единствениот” потег на претседателката на државата е оставање на празни наши амбасади низ ЕУ. Напуштањето на фактот дека Русија е агресор, не е само напуштање на ЕУ концептот, туку е напуштање на вековната борба на македонскиот народ за своја држава и заложбите против агресорите, концепт кој секогаш не ставал на вистинската страна на историјата, потенцира нашиот соговорник.
Денес, додава тој, има политичка и безбедносна мобилизација во ЕУ, се бара партнер повеќе и Македонија мора да го искористи моментот да се потврди како кадарна и кредибилна држава да биде членка на ЕУ.
– Затоа, со право граѓаните не само што се разочарани од неисполнетите ветувања, туку се сериозно загрижени на каде одиме…, подвлече тој.
За потсетување, Владата на 22 февруари беше коспонзор на предлог-резолуцијата на САД за ставање крај на војната во Украина во која Русија не беше спомената како агресор.
Сепак, гласаше воздржано откако Советот на безбедност направи измени и ја наведе Русија како агресор. Воздржаното гласање оттаму го правдаат со тоа дека земјите што биле коспонзори принципиелно се договориле така доколку има „каква било измена на содржината на резолуцијата“.
Паралелно, Северна Македонија во ОН гласаше воздржано и за европската резолуција за Украина. Премиерот Мицкоски, пак, смета дека гласањето во ОН било исправно.
– Дека нашиот став беше испратен потврда стигна и со гласањето во Советот на безбедност кој носи конечни одлуки. Голем дел од постојаните земји членки на Советот, а се дел и од ЕУ, но и оние кои се повремени членки и се дел од ЕУ, не гласаа ’против‘ туку воздржано. Ако беа против, можеа да гласаат и така да ја блокираат. Со тоа, резолуцијата стана обврзувачка, тоа е правецот кој треба оваа влада да го цени и цениме дека траен одржлив мир е нешто што и е потребно и на САД и на ЕУ, смета Мицкоски.
Премиерот изминатиот месец беше во две посети на САД – прво на инаугурацијата на Трамп, а потоа и на Конференцијата за конзервативна политичка акција (CPAC).
Мицкоски истакна дека „она што доаѓа од Вашингтон е новото нормално што ќе го зафати светот, ние го запоседнавме теренот“
Дестан Јонузи