Скопје е во фокусот на европската дипломатија во регионот, со одржувањето на Самитот на лидерите од Западен Балкан и високи претставници на Европската Унија, посветен на Планот за раст на ЕУ за регионот. Комесарката за проширување, Марта Кос, јасно порача:
„Европа не може да биде обединета без Западен Балкан“. Но, и покрај позитивната реторика, Северна Македонија, со владата предводена од Христијан Мицкоски, изгледа дека постепено се оддалечува од европскиот пат – насочувајќи се кон една алтернативна политичка оска, сè поочигледно блиска до концептот на „српскиот свет“.
Иако премиерот Мицкоски во своето обраќање рече дека „Балканот повеќе не е чекална“, фактите на терен покажуваат поинаква слика. Северна Македонија е една од ретките земји која сè уште нема пристап до средствата од Планот за раст, поради недостаток на реформи и недоволна институционална подготвеност.
Од друга страна според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ситуацијата е загрижувачка:
– Роковите поминаа – 43 милиони евра од Планот за раст останаа неискористени. Не е активиран ниту авансот од 52 милиони евра. Министерствата немаат ниту реформи, ниту проекти, нагласи тој.
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, се обидува да го смири јавниот дискурс, велејќи дека средствата не се загрозени и дека „ризикот ќе се појави само ако реформите не се спроведат до јуни 2026 година“. Но за Европската Унија, пораката е јасна: без реформи – нема средства.
Мицкоски помеѓу ЕУ и „српскиот свет“
На меѓународната сцена, владата на ВМРО-ДПМНЕ се претставува како проевропска. Но во пракса, сè повеќе се забележува стратегиско приближување кон Белград и неговото политичко влијание. Овој тренд се одрази и во нацрт-извештајот на Европскиот парламент, каде што се спомнува растечкото влијание на концептот за „српски свет“ во регионот.
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, претставник на европската десница, го иницираше вклучувањето на овој термин во извештајот за Северна Македонија – ставајќи ја земјата во политички наратив на авторитарно влијание, во линија со Србија, Русија и Унгарија. Ова е сериозен удар врз меѓународната перцепција на Северна Македонија како кандидат за членство во ЕУ.
Услови за преговори: Не само фондови, туку и уставни измени
Другa сериозна пречка е неспроведувањето на политичките услови за официјален почеток на преговорите, особено уставните измени за вклучување на Бугарите во Преамбулата. Мицкоски и неговата партија отворено се против ова барање, иако тоа е дел од договорот со ЕУ и Бугарија.
Ако оваа пречка не се надмине, земјата ќе продолжи да стои во ќорсокак – ниту ќе ги користи средствата, ниту ќе напредува во преговорите. Тоа е блокада што ја оддалечува од Европската Унија и ја приближува до изолација.
Владините партиите на Албанците – молк пред стратешкиот ризик
Малку забележан, но критичен аспект е молкот на албанските партии во владата, во однос на оваа ориентација. Албанците во Северна Македонија, традиционално најголеми поддржувачи на ЕУ-интеграциите, не добиваат јасни сигнали дека нивниот стратешки приоритет – членството во ЕУ – останува гарантиран. Ако нема јасен став против овој курс, Албанците ризикуваат да бидат неми сведоци на историско оттргнување од Западот.
Кос со јасна порака од Скопје: Проширувањето има поддршка, но шансата нема да трае вечно
Доколку правилно се води процесот на проширување, Европа може да се обедини – ова беше централната порака на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на денешната Лидерска средба ЕУ–Западен Балкан што се одржа во Скопје. Во едно од нејзините најдиректни обраќања досега, Кос порача дека „Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан“, но и предупреди дека прозорецот за проширување нема да биде отворен засекогаш.
– Слушам слични мислења во Копенхаген, Берлин, Варшава и Париз и го подвлекувам тоа овде, затоа што сакам да бидам јасна – постои јасен консензус за дополнително и идно проширување. Не беше така во минатото, но сега имате шанса што мора да се искористи. Таа шанса нема да трае засекогаш и гледаме значаен напредок, рече Кос.
Нејзината изјава доаѓа во критичен момент кога неколку држави во регионот, како Албанија и Црна Гора, веќе ги отворија или затворија кластери и поглавја, додека Северна Македонија сè уште стагнира поради непочнати уставни измени и бавна реализација на реформскиот план.
ЕУ пораката е јасна – реформите сега, а не утре
Марта Кос нагласи дека Планот за раст, кој е наменет за економско и институционално приближување на регионот до ЕУ, веќе е во фаза на имплементација во повеќето држави. Средствата од ЕУ се достапни, но под услов – реформите да бидат навремено и квалитетно спроведени. Неискористувањето на фондовите и одложувањето на обврските го ставаат под знак прашање целокупниот кредибилитет на европската агенда на Владата.
Мицкоски со еврооптимизам, но без конкретни обврски
Во својот говор, премиерот Христијан Мицкоски се обиде да проектира позитивна визија за регионот, велејќи дека Западен Балкан „не е повеќе чекална, туку регион што се развива“. Тој додаде дека регионот има потенцијал и амбиција, и дека Самитот во Скопје ја потврдува заложбата за интеграција.
– Нашиот регион е витален дел од Европа и интегрален дел од нејзината иднина. Иако често се зборува за поделби, јас гледам дух кој одбива да заостанува, рече Мицкоски.
Но, аналитичарите забележуваат дека зад ваквата реторика сè уште недостасува конкретна политичка план, пред сè во однос на клучните чекори што се бараат од ЕУ: уставните измени, борбата против корупцијата и функционалната поделба на власта.
Изјавите на Кос, поддржани и од европските метрополи, претставуваат недвосмислен повик за забрзување на реформите. Северна Македонија доби јасен сигнал – поддршката за проширување постои, но времето за одлучност истекува. Дали Владата на Мицкоски ќе ја искористи оваа шанса или ќе дозволи да биде изгубена како и многу други во минатото, останува да се види.
Рама во Скопје: Западен Балкан е поблиску од кога било до членство во ЕУ
Премиерот на Албанија, Еди Рама, истакна дека земјите од Западен Балкан се денес поблиску од било кога претходно до остварување на аспирацијата за членство во ЕУ.
– Никогаш не сме биле поблиску до остварување на една долгорочна желба и ми е драго што постои позитивна атмосфера во таа насока. Многу сме блиску до членството и цврсто верувам дека ќе ги исполнуваме сите наши обврски. Заедничкиот план ќе биде целосно реализиран, изјави Рама.
Додека, премиерот на Косово, Албин Курти, изрази задоволство што го посетува Скопје, град кој заедно со другите земји од регионот го има за цел приклучувањето кон ЕУ. Тој ги спомена и договорите помеѓу Косово и Северна Македонија за заедничките контролни пунктови.
Дестан Јонузи