Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје денеска беше одбележана 34-годишнината од независноста на Украина. На настанот присуствуваа претставници на Владата, Собранието, дипломатскиот кор, украинската заедница и гости.
Амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир, во своето обраќање нагласи дека независноста претставува „суверенитет и врховенство на државата врз својата територија“ и порача дека Кремљ води политика на агресија и уништување на украинската независност.
„Русија потроши повеќе од 250 милијарди долари за војната, наместо за развој на своите сиромашни региони. Целта на кремљовскиот режим е уништување на независноста на Украина, но ние ќе се спротивставуваме сè додека не постигнеме достоинствен мир,“ истакна Дир.
Таа потенцираше дека Украина сака мир повеќе од кој било друг и затоа е подготвена да вложи сè за негово постигнување. Притоа ја поздрави поддршката од Северна Македонија, која уште од првите денови на руската инвазија испрати воена помош и се приклучи на коалицијата за создавање специјален меѓународен трибунал за злосторствата на агресијата.
„Благодарни сме на Северна Македонија и на сите партнери – ЕУ, САД, Велика Британија, Турција, Јапонија, Канада, Австралија и многу други – нивната помош ни овозможува да опстанеме и да му се спротивставиме на агресорот,“ додаде амбасадорката.
Дир зборуваше и за секојдневната храброст на граѓаните кои живеат под постојани напади, но продолжуваат да градат училишта, болници и да го одржуваат нормалниот живот.
Настанот беше збогатен со изведба на украинска музичка композиција, а амбасадорката порача дека „упорноста и истрајноста на украинскиот народ ќе обезбедат мир и заштита на независноста“.
Дестан Јонузи