Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, оцени дека кај граѓаните владее големо разочарување од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи на нереализираните ветувања од локалните избори во 2024 година и лошата состојба во економијата.
– Со ВМРО-ДПМНЕ има катастрофални економски параметри, платите стагнираат, додека во регионот растат. Денес имаме европски цени, а очајни плати, што е недозволиво, изјави Лукаревска.
Таа потсети дека власта ги одбила сите предлози на СДСМ за зголемување на платите и олеснување на животниот стандард, како намалување на ДДВ за струја и укинување на ДДВ за основни прехранбени производи.
Истовремено, Демократската унија за интеграција (ДУИ) порача дека ВМРО-ДПМНЕ е последната партија која може да држи лекции за борба против корупцијата и политичкиот криминал, бидејќи денес, од позиција на власт, ја заробува државата и го контролира правосудството.
ДУИ предлага воведување на ветинг со меѓународен мониторинг за расчистување на корупцијата и за враќање на довербата во институциите.
– Да се испита имотот на секој политичар и на секоја политичка партија, како и најголемиот коруптивен процес во државата – приватизацијата, се наведува во соопштението.
Од ДУИ нагласуваат дека времето на моноетнички агенди завршило, а Северна Македонија може да се гради само преку мултиетничност, еднаквост и европска интеграција.
Од друга страна, Арбен Таравари, во интервјуто за ТВ Арберија, изјави дека премиерот Христијан Мицкоски искористил од „непостоечката“ соработка на албанските партии од коалицијата ВЛЕН.
– Ние бевме како еден оркестар целосно десинхронизиран, а тој го искористи тоа во своја предност, изјави Таравари.
Дестан Јонузи