Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предупредува дека Северна Македонија практично ги има замрзнато преговорите и тоа го оценува како најлошото сценарио за иднината на земјата. Тој најавува работна верзија на документ кој ќе ги инкорпорира сите претходни изјави, преземените обврски во рамки на францускиот предлог и ќе даде насоки за тоа како треба да се продолжи понатаму. Филипче со предлог: „Ако има ново вето од Бугарија веднаш да ги прекинеме преговорите, време е за резолуција со црвени линии“. Со тоа, опозицијата сака да испрати порака дека настапува одговорно и државотворно, барајќи гаранции за да не се повтори блокадата со која земјата беше соочена изминатите години.
Министерот за надворешни работи, Тимчо Мучунски, пак, ваквиот пристап го оценува како контрадикторен и штетен. Според него, СДСМ истовремено зборува за потребата од уставни измени, но и за можноста да се напуштат преговорите доколку се наметне ново вето.
Тој потсетува дека досегашните резолуции и заеднички документи усвоени во парламентот не донеле реална сила, туку слабост – биле поништувани веднаш штом се појавел некаков предизвик.
– Нашиот пристап е различен. Работиме на трајни решенија, а не на блокади што се повторуваат, вели Мучунски.
Преговорите со ЕУ остануваат во ќорсокак поради тоа што Северна Македонија не ги направи уставните измени со кои треба да се внесат Бугарите во Уставот. Оваа обврска, што е дел од преговарачката рамка, заглави бидејќи Владата бара гаранции дека нема да има нови условувања поврзани со историјата и идентитетот, туку само со европските поглавја.
Ова ја одразува длабоката недоверба кон билатералните односи и стравот дека евроинтеграциите ќе останат заложник на историски и национални прашања.
Иницијативата на СДСМ може да се протолкува двојно: како обид да се изгради поширок национален консензус и да се зајакне преговарачката позиција на државата, но и како политичка калкулација за да се прикаже актуелната влада како пасивна и неспособна.
Клучното прашање е дали оваа резолуција навистина ќе придонесе кон обединување и нова енергија во евроинтеграциите, или пак ќе остане уште еден документ во долгата листа на недовршени политички иницијативи.
Дестан Јонузи