Политичките пораки стануваат сè поостри, а аналитичарите предупредуваат дека со тензичната кампања се ризикува да се нарушат односите меѓу заедниците
Како што изборната кампања за локалните избори се приближува кон својот крај, реториката на политичките лидери станува сè поостра, а националните теми повторно излегуваат во преден план. Многумина предупредуваат дека ваквата атмосфера може сериозно да ја загрози меѓуетничката доверба што со години се градела во земјата.
Како што изборната кампања за локалните избори се приближува кон својата завршница, политичката сцена во земјава станува сè потензична, а реториката сè поостра. Особено се забележува пораст на националистички пораки кои, според повеќемина аналитичари, можат сериозно да ги нарушат меѓуетничките односи – темелот врз кој почива стабилноста на државата.
Поранешниот пратеник Зуди Џелили во изјава за Фронтлајн предупредува дека токму таквата реторика, најмногу од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, претставува ризик за меѓуетничката кохезија.
– Мицкоски, во обид да го задржи високиот рејтинг на својата партија, настојува тоа да го направи преку напади врз албанската опозиција и нивното политичко обединување, вели Џелили.
Тој додава дека таквиот пристап создава перцепција дека се дискриминира албанскиот електорат и се загрозува рамноправноста на заедниците.
Паралелно со ова, потпретседателот на ДУИ и кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, во интервју за емисијата Top Story изнесе тешки обвинувања кон Владата на Мицкоски.
Според него, „Охридскиот договор е целосно поништен“, а актуелната власт „спроведува отворен политички и институционален агресионизам кон еднаквоста и државотворниот статус на Албанците“.
Османи смета дека Владата ги укинала трите клучни столба на договорот – употребата на албанскиот јазик, правичната застапеност во институциите и етничкиот балансирач.
– Албанскиот јазик веќе не е присутен во институциите, а Уставниот суд е инструментализиран за да поништи закони произлезени од Охридскиот договор, предупреди тој.
Во исто време, Османи ја обвини Владата дека „спроведува агресија кон концептот на еднаквост и кон самата идеја за Македонија во Охридскиот дух“.
Овие пораки, кои доаѓаат од двете страни на политичкиот спектар, укажуваат на опасна ескалација на меѓуетничките тензии. Кампањата, наместо да биде натпревар на програми и идеи, се претвора во натпревар на идентитети и поделби.
Ако оваа динамика продолжи, аналитичарите предупредуваат дека последиците би можеле да бидат долгорочни – нарушена доверба меѓу заедниците, дополнителна политичка поларизација и слабеење на самата држава.
Додека политичарите се борат за локална власт, тие забораваат дека секој збор тежи повеќе во мултиетничко општество. Македонија, со сета своја кревкост и разноликост, не може да си дозволи враќање на реториката од минатото.
Дестан Јонузи