„Топката е во вашиот двор,“ порача Урсула фон дер Лајен од Скопје, оставајќи недвосмислена порака дека уставните измени се единствениот клуч за отворање на пристапните преговори.
За професорот Нано Ружин, ова не е изненадување – тој за Фронтлајн вели дека проблемот не е во Бугарија, туку во нашата неспособност да ги исполниме договорените услови со Европската Унија. и предупредува дека без тој чекор земјата нема никакви шанси да се придвижи напред во евроинтеграциите.
– Додeкa не се реши прашањето со Уставот, немаме никаква можност да мрднеме од оваа ситуација. Не треба да сте голем експерт за да констатирате дека нашиот проблем е Европската Унија, а не Бугарија, бидејќи ние имаме заклучен договор со Европската Унија. Можеме сега да правиме разни формулации, да истакнуваме, да бараме кривци, да ги критикуваме позициите на оние коишто го склучиле договорот. Но, факт е дека во овој миг, единствено што ни останува како држава доколку имаме желба да почнеме со преговорите, а тоа е да се промени Прембулата на Уставот и да се внесат они неколку етнички заедници, коишто се идентификуваат како такви, а коишто не се внесени во Уставот, изјави Ружин за Фронтлајн.
Разбирливо е дека Фон дер Лајен, додава тој, само го повторува тоа што веќе сите го знаеме.
– Мислам дека постојано треба да го повторува, бидејќи таму се проценките дека се работи за, би рекол, симболичен потег. Не навлегувам во констатацијата дека на нашата држава ѝ е направена голема неправда и дека постојано тие уцени коишто доаѓаат од соседите се нешто што најтешко се поднесува меѓу државите кандидати. Претпоставам истата судбина ги чека и Црна Гора и Србија и останатите аспиранти, подвлече нашиот соговорник.
Д. Ј.