По завршувањето на локалните избори, Македонија се соочува со засилен меѓународен притисок да ги усвои уставните измени, предуслов за отворање на нови поглавја со Европската унија. Лидерите на ЕУ и САД бараат јасен сигнал дека земјата е подготвена да продолжи по европскиот пат.
По 2 ноември, Северна Македонија влегува во клучна политичка фаза поврзана со евроинтеграциите. Лидерите на Европската унија и стратешките партнери од САД бараат итно усвојување на уставните измени, кои се предуслов за отворање на нови поглавја во преговорите со Брисел.
Од високи дипломатски извори во Брисел, Фронтлајн дознава дека во тек се интензивни обиди за постигнување национален консензус во Македонија, со цел да се обезбеди потребното двотретинско мнозинство за усвојување на измените во Уставот.
Според истите извори, ова би можело да значи дека владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски постепено ќе се повлече од ставот „НЕ“ и ќе премине кон „ДА“ за уставните измени, под влијание на растечкиот меѓународен притисок и очекувањата од партнерите во ЕУ и САД.
Таквиот чекор, според дипломатите, би можел да отвори пат за распуштање на Собранието и распишување предвремени парламентарни избори, кои би се одржале напролет, со цел да се добие нов политички легитимитет и стабилност во периодот пред отворањето на преговорите со Европската унија.
Политичкиот аналитичар Бесим Небиу во изјава за Фронтлајн вели дека по 2 ноември, кога ќе завршат локалните избори, Владата повеќе нема оправдување да го одложува процесот на уставни измени.

– Изјавите кои доаѓаат од ЕУ и САД упатуваат на притисок да се направи исчекор, бидејќи драгоцено време е изгубено во однос на преговорите. Очигледниот и реален напредок на Албанија и Црна Гора, кои веројатно во следните неколку месеци ќе добијат и конкретни датуми за пристапување кон ЕУ (2029 или 2030 година) создава притисок врз премиерот Мицкоски да покаже и иницијатива во однос на интеграциите. Ако Македонија не направи исчекор, ризикува да остане во последниот вагон на евроинтеграциите – заедно со Босна и Косово, кои имаат сосема други проблеми со својот државен карактер и територија. Тоа не е позиција во која Македонија сака да биде, анализира Небиу за Фронтлајн.
По 2 ноември земјата може да се соочи со сериозни политички предизвици, доколку не се најде решение за уставните измени, оценува поранешниот пратеник и политички аналитичар Зуди Џелили во изјава за Фронтлајн.

– Лидерите на Европската унија и нашите стратешки партнери – САД, јасно порачаа дека очекуваат итно усвојување на уставните измени. Ова не е само техничка обврска, туку прашање на кредибилитет и насока во која сакаме да се движиме како држава, вели Џелили.
Тој потсетува дека Европскиот парламент неодамна со мнозинство гласови усвои извештај со остри критики кон Србија, испраќајќи, како што вели, „јасен сигнал до целиот регион дека европските вредности не можат бесконечно да се одложуваат.“
Во меѓувреме, претседателот на Бугарија, Румен Радев, побара од Северна Македонија целосно спроведување на Договорот од 2022 година, кој подразбира и уставни измени за вклучување на Бугарите во Преамбулата.
„Овие пораки се предупредување дека времето за одлагање завршува. Потребен е политички консензус, без калкулации со националистичка реторика. Доколку пратениците ја пропуштат оваа шанса, земјата ризикува да остане изолирана“, предупредува Џелили.
Според него, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба со зрелост да одлучат за наредните чекори, бидејќи „после локалната победа логично е да се бара четиригодишен мандат преку предвремени парламентарни избори напролет, но тоа ќе зависи од начинот на кој ќе се менаџираат внатрешните и меѓународните притисоци.“
Во однос на албанскиот политички блок, Џелили оценува дека уставните измени се добредојдени, бидејќи, како што вели, „со нив конечно ќе се реши прашањето на рамноправноста и употребата на албанскиот јазик во една вистински мултиетничка држава.“
„Целосно стоиме зад Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Може да сметате на нас“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по средбата во Владата со премиерот Христијан Мицкоски.
– Вашиот следен и единствен чекор пред отворањето на преговорите е јасен, а тоа е да ги направите уставните измени. Топката е во Вашиот двор. ЕУ е подготвенам, порачал Фон дер Лајен.
По 2 ноември, Северна Македонија ќе се најде пред еден од најважните политички тестови во последната деценија. Од исходот на процесот за уставните измени ќе зависи не само динамиката на евроинтеграциите, туку и стабилноста на владината коалиција и можноста за распишување предвремени парламентарни избори напролет. Под растечкиот притисок од Брисел и Вашингтон, од домашните политички актери се очекува зрелост, договор и јасна определба за европската иднина на земјата.
Дестан Јонузи