Нови вознемирувачки снимки од студентските домови во Македонија повторно ја отвораат темата за крајно лошите услови во кои живеат студенти. Најновиот пример доаѓа од студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, каде што, според видеото кое кружи меѓу студентите, повеќе глувци се движат по таванот на тоалетот.
Студентите информираат дека снимката била испратена до редакцијата на профилот „Студентарија“, со цел јавноста да ја види реалната состојба во домот. Овој случај доаѓа по низата фотографии и пријави од други студентски домови во изминатиот период.
View this post on Instagram
„Од глувци ли се плашите?“ – реакција од службите во домот
Според студентите, проблемот не е од синоќа. Тие тврдат дека претходно го пријавиле присуството на глувци во тоалетите, но наместо интервенција, добиле несоодветен одговор од службите во домот.
„Од глувци ли се плашите?“ – бил одговорот кој им бил упатен откако првпат побарале да се реагира.
По повторните пријави, студентите велат дека им бил предаден отров, со објаснување дека самите треба да го постават во просториите каде што се движат глодарите.
Студентите бараат институционална реакција, МОН молчат
Настанот повторно го отвора прашањето за хигиенските услови, одржувањето и одговорноста во студентските домови низ државата. Глувците во „Пелагонија“ се само уште една потврда, велат студентите, дека ситуацијата е надвор од контрола и дека потребни се итни мерки, а не игнорирање на пријавите.
Фронтлајн постави прашање до Министерството за образование и наука во врска со овој случај, но досега не добивме одговор.
Ј. Ѓ.





