ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

ДУИ со чистка, ВМРО-ДПМНЕ во илузија на стабилност

December 5, 2025 14:52
in ZOOM IN, АНАЛИЗИ, ДЕНЕС, ПОЛИТИКА
Архивска фотографија од 2021 година

Архивска фотографија од 2021 година

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: Дестан ЈОНУЗИ

Последниот месец од 2025 година го донесе најжешкиот политички декември во последната деценија. И додека во албанскиот блок ДУИ се наоѓа пред најдлабоката структурна реформa од своето основање, во македонскиот политички камп, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за нов конгрес – формално најмасовен, но суштински најмонолитен и најконтролиран досега.

ДУИ – на работ меѓу вистинска реформа и последен обид за спас

ДУИ, предводена од Али Ахмети, влегува во конгресот на 20 декември со најголема криза на легитимитет од 2002 година. По најлошиот изборен резултат во својата историја, изгубени крупни општини и засилената ВЛЕН, партијата веќе не може да го покрие проблемот со класичниот политички рефрен „ќе има реформи“.

Серијата информации кои протекуваат од внатрешни извори откриваат дека Ахмети планира целосно чистење на структурите, од ниво на ограноци до централно раководство. Се споменува и одземање на правото на реизбор за дел од најекспонираните партиски функционери – Арбана Пашоли, Арбер Адеми, Бујар Османи, Крешник Бехтеши, Блерим Беџети и други.

Овој план паралелно го отвора и најконтроверзното прашање: Дали Ахмети подготвува крај на коалицијата Национална алијанса за интеграција НАИ – проект кој, според многу членови, го повлече ДУИ во историски пораз?

Сликата во јавноста се надградува со симболични пораки од партиските функционери – „Преродба“, „Феникс“, „Нов почеток“. Овие пораки звучат инспиративно, но ја откриваат и голата вистина, партијата е свесна дека со истите кадри, истите политики и истите 30 фигури кои 20 години ротираат функции, повеќе не може да го одржи политичкиот монопол.

ДУИ е исправена пред дилема, реална кадровска иновација или контролирана политичка козметика со која Ахмети ќе ги смири фракциите и ќе ја задржи целата моќ.

Аналитичарите истакнуват дека резултатот од последните избори е „црвен аларм“, а казната на гласачите е последица токму на недостигот од нови лица и бегањето од суштинска демократизација.

ВМРО-ДПМНЕ – најавена реконструкција, но без политичка храброст

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за еден спектакуларно претставен, но суштински едноличен конгрес на 6 декември во Кавадарци. Премиерот и партиски лидер Христијан Мицкоски одамна најавува „структурни чистки“, „реконструкции“ и „нова политичка ера“. Но зад овие големи изрази стои нешто многу поедноставно: консолидирање на моќта во рацете на една личност и исполнување на внатрепартиските апетити што ја држат власта на ВМРО-ДПМНЕ во рамнотежа.

Иако Мицкоски најавува најмасовен конгрес досега, факт е дека: тој е единствениот кандидат за претседател; не се најавуваат промени во врвот на партијата; сите процеси се централизиранo контролирани; кадровските смени во општинските комитети се претставуваат како „чистење“, но често се сведуваат на казнување на непослушност и наградување на лојалност.

Стратегијата „Македонија 2030“, која помпезно се најавува, во пракса ќе биде документ исполнет со општи фрази, бидејќи и самиот Мицкоски призна дека се „рафинирале ситни моменти“ и дека детали – нема. Ова не е необично: партијата инсистира на масовност и спектакл, но избегнува да понуди конкретни политики, особено во чувствителните области како правосудни реформи, борба против корупција и реформа на администрацијата.

Она што дополнително ја разголува слабоста на ВМРО-ДПМНЕ е фактот дека партијата и натаму има замрзнат имот поради судски постапки и избегнува да се соочи со сопственото минато, а нејзините тврдења дека „нема долгови“ служат како политичка пропаганда за внатрешна употреба.

Конечно, најавената владина реконструкција во април-мај следната година јасно покажува дека Мицкоски се подготвува да влезе во изборната 2028 со целосно персонализирана структура на власта – што е класичен рецепт за централизација, а не за демократизација.

Кој навистина се реформира, а кој само глуми реформи?

Иако изгледа дека двете партии влегуваат во „реформски циклус“, разликата е повеќе од очигледна: ДУИ е под силен народен притисок и мора да достави реални промени – или ризикува да стане трета или четврта партија кај Албанците. ВМРО-ДПМНЕ, пак, користи конгрес за да произведе впечаток на стабилност и моќ – но без никаква конкуренција, без дебата и без критичка маса што би можела да понуди алтернатива.

Токму затоа, додека ДУИ се соочува со „вистински болни реформи“, ВМРО-ДПМНЕ само гради внимателно спакуван политички спектакл со кој се покрива една длабока внатрешна порозност: зависност од лидерот, недостиг на реален демократски процес и избегнување одговорност за стари и нови скандали.

Политичката сцена во Македонија влегува во период на сериозни превирања. ДУИ се наоѓа пред историска шанса – или историски крај. ВМРО-ДПМНЕ ја игра играта на сигурност, но под површината се гледа дека партијата не е ни блиску до демократизација и дека „стабилноста“ што ја продава е повеќе декор отколку реалност. Овие конгреси ќе ја дефинираат политичката архитектура за следните години – но само доколку зад големите слогани конечно се појават вистински промени.

Tags: ВМРО-ДПМНЕДУИПартиски игриреформи
Next Post

Започна „Одбрана на демократијата: Хоризонти на слободата“ – силна порака од ЦИВИЛ за будност, отпорност и заедничка акција

EVN

НАЈНОВО

Фото: Скриншот, видео Јутјуб

(ВИДЕО) Тејана Тејлор ја одбележа „Париската модна недела“: Провидна чипка и бисерна круна на ревијата на Скијапарели

January 27, 2026
Фото: Скриншот, видео Јутјуб

(ВИДЕО) Еванџелин Лили со ново обраќање за закрепнувањето по трауматска повреда на мозокот

January 27, 2026
Фото: Скриншот, видео Јутјуб

Принцот Хари меѓу судот и Холивуд: Од солзи во Лондон до Санденс за неколку дена

January 27, 2026

НАЈЧИТАНО

  • kristen stewart

    Кристен Стјуарт најави заминување од САД поради политиките на Трамп

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Дневен хороскоп со Анаис – 26 јануари 2026

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • МВР објави кои сообраќајни прекршоци ќе се санкционираат со „Безбеден град“ и колкави се глобите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Обама по убиството во Минесота од агентите на ICE: Ова мора да престане

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Малите трговци предупредуваат: Новиот закон за пушење може да затвори над 4.000 мали бизниси

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk