По првата серија од 19 фотографии, Комитетот за надзор на Претставничкиот дом објави уште десетици материјали од оставината на Џефри Епштајн. Републиканците обвинуваат за селективност и политичка злоупотреба, демократите инсистираат на транспарентност, а рокот за објава на сите официјални документи од Министерството за правда истекува на 19 декември.
Освен Епштајн, на фотографиите се појавуваат и американскиот претседател Доналд Трамп, Бил Клинтон, поранешниот британски принц Ендру, Стив Банон и други.
Демократските членови на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом на САД објавија втора, значително пообемна серија фотографии од архивата на осудениот сексуален престапник Џефри Епстајн, откако претходно во текот на денот беа објавени 19 фотографии. Новата серија содржи повеќе од 70 фотографии, а од Комитетот најавија дека ќе следуваат и дополнителни објави, наведувајќи дека располагаат со околу 95.000 фотографии доставени од оставината на Епстајн, пренесува Index.hr.
Во соопштението објавено на платформата X, демократските членови на Комитетот наведоа дека новите материјали се објавуваат „во интерес на транспарентноста“, додавајќи дека јавноста има право да знае повеќе за мрежата на контакти и околностите поврзани со случајот кој со години ја потресува американската јавност. Истовремено, од Комитетот посочија дека процесот на преглед и редакција на материјалите е сложен и дека ќе потрае со денови, па и недели.
In the interest of transparency, we will continue to release photos from the Epstein estate. We have released an additional 70+ photos sent to our Committee. More to come. See them using the link below. ⬇️https://t.co/rHf1gLgP4N
— Oversight Dems (@OversightDems) December 12, 2025
Што прикажуваат новообјавените фотографии
Новите фотографии прикажуваат комбинација од локации, предмети и лица поврзани со Џефри Епстајн. Дел од нив се снимени на островот Little Saint James, кој често се нарекува „Епстајновиот остров“, а кој е поврзуван со наводни злоупотреби. На фотографиите се гледаат простории, градежни зафати покрај брегот, како и ентериери кои претходно беа предмет на медиумски извештаи.
Сите луѓе на фотографиите објавени од досиејата на Епштајн се идентификувани
Кругот со кој се дружел Џефри Епштајн вклучувал некои од највлијателните американски и меѓународни бизнисмени, а некои од нив се појавуваат на 19 фотографии објавени од демократите во Комитетот за надзор на Претставничкиот дом.
Веќе се објавени фотографии на кои се прикажани американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон и Бил Гејтс, како и видео од кутија со кондоми на која е испишано името на Трамп.
Скај њуз сега ги идентификуваше сите други луѓе кои се појавуваат на фотографиите.
Видеата ги прикажуваат и поранешниот американски претседател Бил Клинтон, поранешниот секретар за финансии на САД Лари Самерс, британскиот претприемач Ричард Бренсон, режисерот Вуди Ален, адвокатот Алан Дершовиц и поранешниот британски принц Ендру.
Се појавуваат и Лари Висоски, долгогодишниот пилот на Епштајн, американскиот инженер и пронаоѓач Дин Камен и белгиската манекенка Ингрид Сејнхеве.
На една фотографија Клинтон е прикажан со Епштајн, Гислејн Максвел, поранешната партнерка и соучесничка на Епштајн, американскиот пејач и текстописец Џими Бафет и неговата сопруга Џејн Слагсвол.
Ален е прикажан на фотографија во авион со Самерс и американската авторка Елиса Њу, како и на друга снимка со Епштајн на она што изгледа како филмски сет.
Меѓу нив се фотографии од самиот Епштајн, поранешниот израелски премиер Ехуд Барак и истакнатиот бизнис лидер на Обединетите Арапски Емирати, Ахмед Бин Сулајем.
Стив Банон, кој се појави на неколку фотографии во првата серија објавена вчера, се гледа и на една со американскиот професор Ноам Чомски.
Потсетник дека појавувањето само на фотографиите не подразбира кривично дело, а многу од луѓето прикажани на нив негираа каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Меѓу фотографиите е и тиква во облик на Трамп со натпис „Трампкин“.
Втората серија фотографии од имотот на Епштајн не го прикажува американскиот претседател Доналд Трамп, но се појавува фотографија од тиква направена да личи на него.
Политички судир меѓу демократите и републиканците
Објавата на новите фотографии веднаш предизвика остра политичка реакција. Републиканците, кои го предводат Комитетот за надзор, ги обвинија демократите за селективно објавување на материјалите и за намерно креирање политички наратив насочен против претседателот Доналд Трамп.
Во официјална реакција, од републиканската страна беше наведено дека демократите објавиле само мал дел од фотографиите со кои располага Комитетот, и тоа со „насочени редакции“, со што, според нив, се манипулира со јавното мислење. Тие тврдат дека ништо во објавените материјали не укажува на незаконито однесување и дека ваквите објави ја ставаат политиката пред правдата за жртвите.
Слична порака стигна и од Белата куќа. Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, изјави дека демократите повторно селективно објавуваат материјали со цел да изградат „лажен наратив“, нагласувајќи дека администрацијата на Трамп веќе објавила илјадници страници документи поврзани со случајот и дека поддржува дополнителни истраги.
Реакцијата на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп, кој се појавува на три од претходно објавените фотографии, изјави дека не знае ништо за новата серија фотографии. Одговарајќи на новинарско прашање во Белата куќа, Трамп рече дека не ги видел фотографиите и додаде дека „Епстајн има фотографии со сите“, алудирајќи на широкиот круг на луѓе со кои осудениот финансиски брокер се движел низ годините.
Трамп повтори дека со Епстајн прекинал контакти уште околу 2004 година, години пред првото негово апсење, и во повеќе наврати досега решително негирал било каква поврзаност со неговите криминални активности.
Закани со повикување пред Конгресот
Паралелно со објавата на фотографиите, се заострува и институционалниот притисок. Републиканскиот конгресмен Џејмс Комер, претседател на Комитетот за надзор, изјави дека е подготвен да покрене постапка за непочитување на Конгресот доколку Бил и Хилари Клинтон не се појават на сведочење во рамки на истрагата поврзана со случајот Епстајн.
Комер тврди дека Клинтонови со месеци одолговлекувале и не соработувале со Комитетот во обидите да се договори нивно сведочење. Од друга страна, Бил Клинтон никогаш не бил обвинет за незаконито однесување поврзано со Епстајн. Преку неговиот портпарол претходно беше соопштено дека патувал со авионот на Епстајн, но дека никогаш не ги посетил неговите имоти и дека не знаел ништо за неговите злосторства.
Што се „Epstein files“ и зошто рокот е важен
Таканаречените „Epstein files“ се обемен сет на документи, фотографии и докази кои ги поседува американското Министерство за правда, а кои се поврзани со истрагите против Џефри Епстајн и неговата соработничка Гислејн Максвел. Епстајн беше обвинет за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација на малолетнички, а почина во затворска ќелија во 2019 година, додека ја чекаше судската постапка.
Минатиот месец Конгресот усвои закон со кој Министерството за правда е законски обврзано да ги објави сите документи поврзани со случајот најдоцна до 19 декември. Дел од судиите во Њујорк и Флорида веќе одобрија симнување на ознаките за тајност од дел од материјалите, што дополнително го зголеми притисокот врз администрацијата.
Демократите во Конгресот тврдат дека целосната објава е неопходна за вистината и за правдата за жртвите, додека дел од републиканците предупредуваат дека некои материјали мора внимателно да се обработат за да не се наруши приватноста или да се создадат неосновани обвинувања.
Повикување на претпазливост
И покрај политичките тензии, повеќето медиуми и официјални изјави нагласуваат дека самото појавување на фотографија или во документ поврзан со Епстајн не претставува доказ за какво било незаконито однесување. Многу од лицата кои се појавуваат на фотографиите со години јавно негираат било каква вмешаност во неговите злосторства, а дел од фотографиите се направени во јавни или професионални контексти.
Како што се приближува рокот за целосна објава на документите од Министерството за правда, случајот повторно станува централна политичка тема во САД, со отворени прашања за транспарентноста, институционалната одговорност и границата меѓу јавниот интерес и политичката злоупотреба.
Извори: BBC News, Sky News
Редакција Фронтлајн








