Европскиот совет и Европската комисија реагираа на одлуката на српскиот претседател Александар Вучиќ Србија да нема свој претставник на Самитот ЕУ–Западен Балкан што се одржува во Брисел.
„Информирани сме за одлуката на претседателот Вучиќ да не присуствува на Самитот на Западен Балкан. Тоа го примаме на знаење и жалиме поради тоа, но на крајот – тоа е негова одлука“, изјави претставник на Европскиот совет за телевизијата N1.
Претходно, Вучиќ соопшти дека ниту тој, ниту кој било претставник на Србија нема да отпатува во Брисел за самитот. Одлуката ја коментираше и министерот за европски интеграции Немања Старовиќ, кој застојот во евроинтеграциите го поврза со, како што наведе, блокади од одделни земји-членки на ЕУ „без вистински причини“.
Свој став изнесе и Европската комисија, која изрази жалење што Србија нема да биде претставена на настанот.
„Жалиме поради одлуката на претседателот Вучиќ Србија денеска да не биде претставена на Самитот Западен Балкан. Денешниот самит е важна можност повторно да се потврди силата на стратешкиот однос меѓу ЕУ и Западниот Балкан, вклучително и Србија. Тој исто така ќе ги истакне конкретните придобивки што овој однос им ги носи на граѓаните“, соопшти Европската комисија.
Од Комисијата додаваат дека Европската Унија останува посветена на европскиот пат на Србија и дека ќе продолжи да работи на унапредување на реформите, зајакнување на соработката и постигнување конкретни резултати за граѓаните.





