На 22 јануари, Македонската филхармонија ќе има чест да го пречека Теди Папаврами како солист. Од раните денови во Албанија до блескавата меѓународна кариера, Папаврами го одликува исклучителниот музички талент и длабоката љубопитност кон светот околу себе. Виолината отсекогаш била негов сопатник – од првите обиди на петгодишна возраст, преку настапите со Тиранската филхармонија, до сјајните сцени во Париз и Женева.
На овој концерт тој ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 од Паганини, заедно со оркестарот на Филхармонијата, под диригентство на маестро Олси Ќинами. Настапот ќе биде дополнет со присуство на неговата животна сопатничка, пијанистката Маки Окада, која ќе го изведе Концертот за пијано и оркестар бр. 1 од Шопен.
Со својата мајсторија, интензитет и изразна музичка чувствителност, Теди Папаврами повторно ќе ја потврди својата позиција како еден од најистакнатите виолинисти на денешницата.
Од најрана возраст, виолината ќе биде неизоставен дел од животот на Папаврами
Г-дине Папаврами, со нетрпение го очекуваме вашето доаѓање во Скопје. Тоа е секако повод за ова интервју. Па, ајде да тргнеме од Вашите почетоци. Можете ли да ни раскажете како се роди Вашата љубов кон виолината? Што Ве инспирираше како дете?
– Мојот татко сè уште свиреше виолина кога јас се родив. Во мојата детска перцепција имаше нешто благородно и драгоцено во самиот инструмент и во музиката. Едноставно, сакав и јас да свирам. Но, кога почнав, не ми се вежбаше – а, морав да вежбам.
Во една прилика спомнавте дека Вашиот татко бил извонреден педагог. Колку неговото водство влијаеше врз Вашиот ран развој?
– Тој постепено сфаќаше колку е суштинска работата и вежбањето во младата возраст и со огромна страст работеше со сите свои ученици. Класичната виолина во Албанија тогаш беше нешто релативно ново и слабо развиено. Тој направи многу за нејзиниот развој, особено кај младите, што е од клучно значење.
Пристигнувањето во Франција ќе претставува сосема нов свет за младиот виолинист
Заминавте во Франција на млада возраст. Албанија со децении била изолирана од остатокот на светот, но кога францускиот флејтист Ален Марион одржал концерт во Тирана, Ве слушнал, Вие тогаш млад виртуоз, и веднаш Ви овозможил стипендија од француската влада да се школувате во Париз. Кој беше Вашиот прв впечаток кога пристигнавте во Франција? Кои беа најголемите предизвици при адаптацијата?
-Сè ми делуваше механичко, студено, футуристичко и малку депресивно. Се очекуваше да бидам воодушевен, но мислам дека повеќе бев фасциниран од технолошкиот напредок и спомениците. Како да бев на друга планета. Најголемиот предизвик беше да вежбам сам по 4,5 часа дневно, без семејството покрај мене.
Сепак, Вашата љубопитност и големата љубов кон литературата (Пруст, Достоевски, Кафка) Ви помогнаа да се интегрирате во тоа општество. Како влијаеше литературата врз Вашиот уметнички развој?
– Точно. На 13 години првпат се заљубив во руската литература. Тоа беше љубов кон квалитетот на писателите како Чехов, Достоевски, Толстој, Гогољ, но и кон самата Русија од 19-от век. Веројатно, бидејќи и самиот поминував низ лична драма – поради неизвесната иднина и политичката состојба во Албанија – се чувствував доволно возрасен за да бидам засегнат од таа литература. И мојата интерпретација на виолина брзо се промени. Таа зрелост секогаш се одразува во уметноста, преку друг медиум. Кај мене тоа беше литературата.
Папаврами ја продолжува културната традиција преку литературата и преводите
Направивте тогаш многу значаен чекор за Вашата родна земја, што е надвор од Вашата музичка кариера. Ги преведувавте делата на големиот писател Исмаил Кадаре на француски јазик. Што значеше тоа за Вас, лично и професионално?
– Беше чудно одеднаш да бидам сметан за преведувач на еден од најголемите писатели на 20-от век, и тоа, без никаква подготовка и со само две години учење француски помеѓу меѓу 12 и 14 години. На почетокот се чувствував како измамник. Но, задоволството од самиот чин на преведување, за среќа, ги надмина тие мисли. А и беше драгоцено да направам нешто сосема неочекувано.
Дали чувствувате дека Вашето албанско културно потекло сè уште влијае врз Вашата музика?
– О, да, без сомнение. Иако низ целиот живот постојано се обидував да се менувам и да станам подобра верзија од себе. Но, длабоко во темпераментот, нешто секогаш останува.
Папаврами стекна светска слава со својата мајсторија и упорност
Како се развиваше Вашата солистичка кариера по добивањето на стипендијата од француската влада?
– Студирав на Парискиот конзерваториум, учев нови интерпретативни стилови и бев целосно опседнат со сопствениот напредок. Сакав да свирам како луѓето на кои им се восхитував и постојано ги слушав. Всушност, мислам дека најмногу научив од снимките на големите виолинисти, главно од минатото. И се обидував да изградам сопствен изразен јазик. Сè уште го правам тоа…
Кој концерт или момент особено Ви останал во сеќавање од тоа време?
– Се трудам брзо да ги заборавам концертите откако ќе завршат, но секако се сеќавам на мојот прв концерт во Јапонија во 2001 година, кога ги свирев сите 24 каприча на Паганини. Публиката делуваше прилично студено, но јас навистина уживав во секое капричо и, и покрај таа студеност, бев сигурен дека направив нешто добро.
Папаврами: уметник со разнолики интелектуални интереси
Повторно ќе Ве насочам кон литературата. Покрај преведувањето, Вие издадовте и Ваша книга со наслов „Fugue pour violon seul“ („Фуга за соло виолина“), којашто се чини е мошне инспиративна. Како се случи и овој чекор и што би сакале читателите да понесат од неа?
– Францускиот издавач Робер Лафон беше тој што ме замоли да го направам ова. Веројатно очекуваа нешто покомерцијално, поврзано со мојата животна приказна, додека мене повеќе ме интересираше книжевниот аспект – да се опише одвнатре како се создава музичкиот идентитет преку животните настани. На крајот најдовме компромис, но ми беше драго што го направив тоа.
Како го балансирате музицирањето, пишувањето и преведувањето?
– Кадаре почина пред повеќе од една година, а последните три години од животот не пишуваше. Не се чувствувам повеќе како преведувач. Во моментов сум најмногу фокусиран на виолината и на пренесувањето на знаењето преку мојата работа како професор по виолина во Женева.
Покрај музичката кариера, Папаврами го искуси и светот на филмот
Уште еден интересен податок за Вас. Во ТВ-мини серијата „Опасни врски“, глумевте покрај славните Катрин Денев, Руперт Еверет и Настасја Кински. Какво беше тоа искуство за Вас?
Се чувствував целосно како натрапник! Но, беше интересно да се види како се прави филм и да запознаеш извонредни техничари и актери.
Папаврами создава нови перспективи на класичната виолина преку транскрипции и интерпретации
Да се вратиме на она што најмногу ве исполнува – музиката. Покрај изведбите, создадовте транскрипции за соло виолина кои се високо ценети. Кој беше најголемиот предизвик при адаптацијата на Бах или на Скарлати?
– Транскрипциите на Скарлати се повеќе технички предизвик. Додека Бах, таму се бара многу поголем интелектуален ангажман. Сите мои транскрипции се прилично тешки, но добро отсвирени. Сметам дека внесуваат необична светлина во делата.
Кои сонати или партии од Бах Ви се омилени и зошто?
– Го сакам целиот циклус, бидејќи наликува на духовниот пат на еден човек. Особено ја сакам третата фуга во Це-дур – најметафизичкото и најдолгото дело што Бах некогаш го напишал.
Кога подготвувате нов концерт, како пристапувате кон изборот на програмата?
– Зависи дали можам да одлучувам или е желба на организаторите. За концертот во Скопје, би било убаво повторно да го свирам Првиот концерт на Паганини, кој не сум го изведувал најмалку 15 години.
Свирите на виолини специјално изработени за Вас.
– Да, имам виолини од Кристијан Бајон и Давид Леонард Видмер. Тие современи инструменти нудат неверојатен звук и ги обожавам.
Педагодијата, комбинација на техника и духовност
Како професор во Женева, што најмногу сакате да им пренесете на студентите?
– Да бидат искрени со себе. Техника и разбирање на физичките принципи се неопходни, но и чувството за културниот контекст на композиторите е клучно.
Дали Вашата педагошка филозофија се разликува од онаа на Вашиот татко?
– Татко ми веруваше дека треба да се вежба за да се импресионираат другите. Јас мислам дека радоста и посветеноста на музиката се сами по себе награда.
Емоцијата – водечка во секоја изведба
Што Ви е најважно при настап пред публика – техничкото совршенство или емоционалната интерпретација?
– Секако – емоцијата. Ако ги чувствуваме делата длабоко, и публиката ќе ги почувствува. Тоа е речиси магично.
Кој совет би им го дале на младите музичари што започнуваат меѓународна кариера?
– Да останат искрени и скромни, и покрај еден многу корумпиран музички свет.
ТИНА ИВАНОВА













