По филмот The Ward, кој често се смета за слаб и недостоен завршеток на неговата режисерска кариера, легендарниот режисер Џон Карпентер се повлече од режијата. Со текот на времето, тој стана значително поотворен – и поостар – во јавните настапи, особено кога станува збор за Холивуд и современата филмска индустрија.
Во текот на кариерата, Карпентер водел бројни битки со студијата кои често се сомневале во неговата визија. Иако филмовите Створ (The Thing) и Голема гужва во Кинеската кварт (Big Trouble in Little China) првично доживеале комерцијален неуспех, подоцна прераснаа во култни класици и клучни дела на жанровскиот филм.
Во поновите години, Карпентер редовно ја критикува современата кинематографија и јасно става до знаење дека враќањето зад камерата повеќе не го интересира. Токму во тој контекст, тој реагираше особено жестоко на изјавите на Роб Зомби, кој тврдеше дека Карпентер бил ладен и незаинтересиран во периодот пред римејкот на Halloween од 2007 година.
„Тој лажеше за мене. Рече дека сум бил многу ладен кога ми кажал дека ќе го снима филмот. Тоа не може да биде подалеку од вистината. Му реков: ‘Сними си го филмот, човече. Ова сега е твое. Не грижи се за мене.’ Навистина бев поддршка. Зошто тоа лажливо копиле лажеше – не знам“, изјави Карпентер, пренесува Far Out Magazine.
Иако верзијата на Halloween во режија на Зомби беше комерцијално успешна и доби продолжение, Карпентер не го криеше своето незадоволство. Според него, најголемиот проблем бил во тоа што филмот ја уништил мистиката на приказната. „Мислам дека го уништи мистериозниот елемент затоа што премногу објаснуваше. Тоа не ме интересира. Тој лик треба да биде сила на природата, речиси натприроден, а таму беше прикажан премногу обично“, истакна Карпентер, додавајќи дека продолжението му се допаднало уште помалку од првиот дел.
Подоцна, со новото враќање во Хадонфилд, Карпентер покажа значително поголена отвореност за соработка, овојпат со Дејвид Гордон Грин. За разлика од претходниот случај, немаше јавни конфликти – Карпентер учествуваше како извршен продуцент и композитор на музиката за новите филмови од франшизата.
Иако повеќе не режира, неговото име и влијание остануваат силно присутни – како преку новите интерпретации на неговите дела, така и преку статусот што одамна го има како еден од најважните автори на модерниот хорор.





