Додека светските лидери во Давос дебатираат за глобалната економија, војните и иднината на планетата, а српската полиција насилно исфрла студенти на факултет во Нови Сад, претседателот на Србија Александар Вучиќ за да ја прикаже и продаде својата „скромност“, реши да ја прошири својата јавна улога – овојпат како инфлуенсер за сместувачки капацитети во Швајцарија. За време на учеството на Светскиот економски форум, Вучиќ на Инстаграм им приреди на следбениците детален „room tour“ од апартманот во кој престојува во швајцарското место Клостерс.
Со сериозност што обично ја резервира за државнички обраќања, Вучиќ објасни дека сместувањето се наоѓа на околу 20 километри од аеродромот и дека на форумот присуствува „по единаесетти или дванаесетти пат“, иако, како што нагласи, никогаш не спиел директно во Давос – веројатно важен геополитички детаљ за пошироката јавност.
View this post on Instagram
„Луксуз“ во духот на швајцарската скромност
„Ова е една од најдобрите соби овде“, уверува Вучиќ, па веднаш додава дека сè е уредено во духот на „швајцарската скромност“ – мебел во IKEA стил, едноставно дрво и „ништо посебно“. Креветите, како што забележа, се малку кратки, но за среќа нема граничници, па може да се испружи – детал што очигледно заслужи посебно внимание во видеото.
Со видно задоволство го покажа и импровизираниот гардеробер со уредно наредени кошули, како и можноста во „специјалниот апартман“ самиот да си направи чај – луксуз што, очигледно, не се подразбира на вакви форуми.
Волк, фрижидер и тераса на минус пет
Посебен момент во видеото беше сликата со волк на ѕидот, која Вучиќ ја прокоментира со објаснување дека волците, наводно, често се појавуваат на околните ридови – симболика што секој може да ја толкува по свое.
Потоа следуваше дневниот престој, каде што претседателот ги чува работните материјали и книгите, меѓу кои и дело на Ерик Ларсон за Винстон Черчил, како и малата тераса што ја опиша како „најубавиот дел“, иако – како што искрено призна – „не е баш за седење на минус пет“.
„Вака изгледаат сите куќи во Клостерс, сите куќи на хотелите. Убаво, удобно“, заклучи Вучиќ, ставајќи крај на туристичко-декоративниот дел од настапот.
Срце што затропа посилно – дома е дома
На крајот, српскиот претседател откри дека уште вечерта се враќа во Белград, споделувајќи емотивна порака за чувството на враќање во татковината.
„Не можам да ви опишам колку се радувам кога повторно ќе слетаме на белградскиот аеродром и кога срцето ќе ви затропа посилно затоа што сте дома“, порача Вучиќ – оставајќи впечаток дека, без разлика на волците, IKEA мебелот и швајцарската скромност, ништо не може да ја замени топлината на домашниот аеродром.
Ј. Ѓ.







