Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека наскоро ќе изнесе повеќе детали за француско-германскиот дијалог за нуклеарно одвраќање, реагирајќи на коментарите на германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Макрон појасни дека деталите ќе ги открие во говор за нуклеарната политика кој се очекува во наредните недели.
Како што претходно оваа недела прв објави Politico, говорот треба да се одржи во Брест, пристаниште каде се стационирани француските нуклеарни подморници, пишува Politico.
Франција веќе започна таканаречен стратешки дијалог со некои европски земји со цел да се процени на кој начин француското нуклеарно оружје може да придонесе за безбедноста на Европа.
„Се обидуваме да видиме како можеме да ја усогласиме нашата национална доктрина со посебна соработка и заеднички безбедносен интерес, што е нешто што со Германија го правиме за првпат во историјата“, изјави Макрон.
Претходно германскиот канцелар Мерц објави дека со францускиот претседател Макрон започнал доверливи разговори за европско нуклеарно одвраќање.
Овие преговори се одвиваат во согласност со правната рамка на Германија како полноправна членка на НАТО алијансата.
Покренувањето доверливи преговори меѓу лидерите на Германија и Франција за вакво чувствително прашање укажува на нова фаза во дискусиите за стратешката автономија и одбранбените способности на Европа.
Самиот канцелар ја потврди оваа иницијатива, нагласувајќи дека сè се одвива во рамките на постојните меѓународни обврски на Берлин.
Тој истакна дека Германија, која од Втората светска војна „се воздржуваше од државна моќ“, забрзано се вооружува и инвестира во технологија.
„Сакаме што е можно побрзо да го направиме Бундесверот најсилната војска во Европа“, истакна Мерц.
„Безбедноста овозможува слобода, а економската сила ѝ служи на таа слобода“, рече германскиот канцелар.





