пишува: РИБАРО
После објавените фотографии од роденденската прослава на Али Ахмети во новите простории од Министерството за политички систем на вицепремиерот Артан Груби, владини извори до екипата на АХА доставија информација дека до министерствата пристигнале безброј барања за изнајмување на министерските простории за организирање на роденденски забави.
„Еве јас ветувам дека сите присутни ќе носат маски и ќе се придржуваат на протоколите, за разлика од тоа како се однесуваа функционерите од ДУИ. Нема да го уништиме инвентарот, ќе носиме заштитни маски и ќе внимаваме да го одржиме достоинството на институцијата и министерството каде што ќе прославуваме. Кога може тоа за Ахмети кој не е ни владин функционер, зошто да не ни се дозволи достапност за сите граѓани?“, вели за АХА Славољуб Роденденски претседател на здружението „Хепи брдеј ту ју“.
На нашето прашање до МВР дали ќе е прекршок ако се прифати барањето, а присутните носат заштитни маски, од МВР засега без одговор.
АХА неофицијално дознава дека министерот Спасовски од друга страна планирал објавување на уште еден анонимен бесплатен телефонски број за дојава и пријавување на евентуална организација на родеденски забави во министерствата.
Рубриката АХА! е простор за хумор и сатира. Секоја сличност со реалноста е намерна и не е претерана.
FRONTLINE.MK