пишува: ЗОРАН ИВАНОВ / ЦИВИЛ МЕДИА
Македонија не доби ЕУ преговори, но затоа пак Бугарија доби уште едно големо историско ништо.
Најкусо, вака некако би бил, нека и најсубјективен, заклучокот за хирот на бугарските актуелни власти со ембаргото врз почетокот на македонските ЕУ преговори.
Декември одамна беше утврдениот месец за усвојување на преговарачката рамка и за одржување на долго очекуваната меѓувладина конференција на Република Северна Македонија со Европската Унија, чин со кој и официјално требаше да стартува преговарачкиот процес за европското интегрирање на нашата земја.
Декември мина, мина и македонската ЕУ година, а со неа и оптимистичкото германско претседателство. Република Северна Македонија пак го губи уште едно долго драгоцено интеграциско време. А што пак од сето доби актуелна Бугарија?
Ништо. Ниту Охрид стана бугарски ниту пак Македонците се разбудивме како Бугари. Овој европски берлински пораз нека го анализираат политиколозите и нека го проучуваат оние кои се занимаваат со современа историја. Но оттаму, од соседна Бугарија, ајде сега во ова нејзино постблокадно европско време, да каже некој, нека дефинира прецизно, нека одговори било кој, макар е тоа политичар, историчар или граѓанин, сеедно, било кој воопшто, што тоа со ветото врз Македонија доби државата Бугарија? И, што тоа добија бугарските граѓани и нивното општество?
Одговорот е сосема јасен: Ништо! За нив е тоа само уште едно големо историско ништо. Епилогот е во фактот што ем сакаат да сме Бугари, ем оттаму не туркаат во обратна насока, во сé подлабок анимозитет спрема државата Бугарија и нејзините политики спрема Македонија и Македонците.
Во ова време, во ова историско време на почетокот на третата декада на 21-от век, во оваа дигитална глобалистичка ера, историски елементи да се поттураат како некакви идентитетски факти поради нешто, поради некакви цели, било кави и да се мотивите за тоа, е само еден обичен, примитивен политички и посебно дипломатски дилетантизам.
Жално е, но е факт дека со антимакедонизам се инфицирани и сегашниве бугарски политички генерации. Децениската индоктринација си го прави своето. Бугарија сака да се прикажува голема, моќна, значајна. Таму уште се учи и се знае само за тамошните големите историски победи. За големите историски порази се пишува и се учи сосема малку или речиси ништо.
На бугарските власти, на овие сега и веројатно и на наредните, ќе им треба соочувања со минатото. Со она полујасно минато толку длабоко вгнездено во нив самите. Соочување со индоктринаторската идеолошка сталинистичко-живковистичка матрица која кај нашиот источни сосед е длабоко вкоренет во сите политичко-партиски пори.
На извесен начин, бугарските политички елити се во некакво ментално историско заложништво. Бугарското општество е многу далеку од елементарните европски вредности, ако под европски вредности, нели, се подразбира неприкосновеното цивилизациско право на секој поединец, група луѓе, нации, народи, да си се определуваат така како што во овој ХХI-ви век тие тоа самите го сакаат.
Неотсонуваните историски соништа, посебно напластените тескоби од годините на бугарскиот фашизам и од децениите на бугарскиот тоталитарен комунизам, минато кое го премолчуваат и за своите сегашни, а ќе го прават тоа веројатно и натаму и за идните генерации, се фрустрирачки. Под таквите генерациски наследени товари, се уште, сега нели европска, стенка и оваа актуелна бугарска политика. И наместо да гради добрососедски релации за приближување и кооперации меѓу „двете држави и двата народа“, како што е дефинирано и во бугарско-македонскиот договор за пријателство од 2017-та година, европска Бугарија, еве, талка и натаму по минатовековните балкански беспаќа.
Сепак, надежно е тоа што бројни интелектуални сигнали од „Столицата“ се огласуваат со јасни пораки дека токму тоа, минатото, со сите негови светли страни и со сите негови темни петна, е непотребно бреме за целото европско бугарско општество. Непотребен неевропски баласт од кој бугарската политика, по сите прашања, па и по оние за Македонија и за Македонците, кај и да е, ќе треба да се ослободи. Таквите апели на засега по број скромната, но по интелектуалниот потенцијал моќна бугарска јавност, е европската надеж и за европска Бугарија.
Но, како и за сé, така и за ова, прашање е кога нивните цивилизациски пораки ќе допрат и до старомодните бирократизирани бугарски политичари и уште колку време ќе треба да ја надвиснат нивната примитивна политика.
Одговорот е во времето. А по правило, тоа секогаш работи за прогресот.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.