пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Многу интересна ситуација. Знаете што е тепих бомбардирање, нели? Тоа е жестоко бомбардирање на одредена област, земјата ја покриваат експлозии густо наредени една до друга, така што уништувањето е како тепихот што го покрива подот.
На прв поглед, пропагандниот напад кој трае 24/7 од почетокот на бавниот пад на режимот до бегството на Мијалков (и потоа), изгледа како тепих бомбардирање од „спонтаната јавност“. Но не е така. „Оливери“ пропагандата, од своите добро утврдени и уште подобро платени позиции, успеа прецизно да го насочи револтот кон познатите „таргети“. Сепак, не е „тепих“ бомбардирање, туку прецизно насочено, со користење на веќе добро утврдениот арсенал во медиумските ровови што вредно ги ископа режимот пред и по својот пад.
За помалку од 24 часа, од моментот кога јавноста дозна дека препредениот началник исчезнал од радарот, до моментот кога ја пишувам оваа белешка, се наредија вообичаените „универзалните виновници“, почнувајќи и завршувајќи со Зоран Заев, се разбира. Може тој да разлева колку сакате, дека извршната и судската власт се одделени, дека ќе се утврдува одговорноста, дека МВР добило налог од судот кога тоа било предоцна… Попусто.
Пропагандата секогаш ќе го издвои Заев како виновник и ќе го стави пред стрелачкиот вод. Не е виновен Мијалков, а уште помалку се одговорни правосудните инстанции кои не преземале навремени и соодветни мерки на претпазливост, туку само тогаш кога било предоцна. Не. Новинарските Шерлок Холмс ликови го вперуваат прстот секаде, па и во МВР, но никако онаму каде што и формално законски треба да се постават прашањата и да се побара одговорност.
Ден по испарувањето на Мијалков, го замоливме обвинителството да ни одговори на две прашања. На кои датуми побарале притвор или други мерки за претпазливост и дали имале проценка за потребата за такви мерки пред да се одржи последното рочиште за „Таргет-Тврдина“. Ноншалантно ни одговорија со линк до нивното соопштение во кое на јавноста ѝ понудија „прецизна“ саатница од последното деноноќие. И толку. Но поставените прашања останаа неодговорени.
Зошто се важни тие прашања? Мијалков веќе беше слободен како птица. Јавноста веројатно веќе заборавила дека судот уште преклани го ослободи од краткотрајниот притвор во Шутка (2019), понуди „ситни“ милион евра гаранција, па го замени со домашен притвор во едно од неговите „најскромни“ прибежишта, хотелот „Мериот“.
Но и тоа кратко траеше. Набрзо, Мијалков можеше да се види како се шета со својата мала чета од бодигарди каде што сакаше и кога сакаше. Дали и какви активни мерки за претпазливост имало за сето ова време, не знаеме. Можеби македонскиот пасош му бил одземен, но тоа за него не е проблем, има тој уште пасоши и државјанства во џебот.
Заев своевремено повика да се излезе на Марш за правда (17.2.2020) на кој учествував и јас. За мене и неколкуте илјади луѓе кои ја сфатија пораката, тоа беше добар знак. Покажа дека власта се одвоила од правосудството, па нека е и поради „потребата да се залечат некои од фрустрациите на раководството на владејачката партија заради маката и начинот на кој се постигнаа компромисите за изгласување на правосудните реформи“ како што напиша Орданоски тогаш. Но и тој протестен марш и сите во него беа линчувани од познатите центри и сите што егзалтирано ги поддржуваат тие центри, свесно или несвесно, сеедно.
Можеби Заев ќе беше подобар за нив ако беше „дил-ориентед“ како Груевски? Или, едноставно, ќе биде виновен ако не ги контролира судиите и обвинителите, но ќе биде виновен и ако ги контролира, како што Антоњо Македонски и компанија невешто се обидуваа(т) да го прикажат тоа. Не му текнува ли на никого за што се работи овде?
Не е целта да се критикува власта, туку таа да се преземе и да се продолжи со криминалот и безумието. Не е целта да се направи судството независно и професионално, туку да се врати назад во џебот на криминалците на режимот.
Да се вратам на бомбардирањето. Разбирливо е да се побараат одговори, па и одговорност и од премиерот за уште едно бегство на осуденик од највисок ранг. Да не ги споменувам уште пет-шесте други бегства на помалите началници и нивните солдати сега расеани низ Европа. Разбирливо е да се насочи вниманието и кон министерот за внатрешни и да се побараат одговори и одговорност. Еве, да прифатиме дека е разбирливо да ги обвинат и активистите за човекови права затоа што се бореле против криминалниот режим на Груевски. И јас ќе бидам крив, не е проблем. Но никако не можам да разберам како тоа никому не му текна да го впери прстот онаму каде што е моќта да се одлучува за ограничувањето на движењето на еден ваков профил како Мијалков.
Мвро-вмро и неговото ултрадесно приврзоче долго време го обвинуваа Мијалков за разни предавства, па така сега на дел од јавноста ѝ се чини дека ова е дел од некоја спогодба, перцепција вредно поттикната од армијата пропагандисти и началници. Каква иронија! Сега началниците на Мијалков се меѓу најгласните што бараат одговорност од Заев. Не ви текнува ли сè уште за што се работи овде?
Ако има договор и за ова бегство, тогаш зошто некој би ризикувал толкава операција, со комплициран театар, со елаборирани истраги, обвинителни акти и судења? Дали можеби е поедноставна приказната?
Најмоќниот началник во своите раце го држеше „сваровски“ судството и многу други лостови на моќта. Тоа е човек што го создавал и го негувал полициското подземје и кој има разработена меѓународна мрежа од соработници. Од неговите „тефтерчиња“ зависат многу кариери и во правосудниот и во безбедносниот сектор. Тој спокојно „прошета“ низ сите овие години на борба против инсталациите на режимот, затоа што, едноставно, е моќен.
По ова бегство, ако Мијалков не се појави од некаде со својата цинична насмевка, исто онака како што испари, тешко ќе биде да се врати довербата во тешко изодените (први) чекори на правосудните реформи. Тешко ќе биде и да се преброди кризата на довербата во институциите и власта, предизвикана од пропагандата, но и од грешките во од. Иако, тешко се гледаат и вистинските грешки, а уште помалку успесите среде чадот од пропагандните експлозии.
Затоа, без оглед на тоа кој во што (сака да) верува, најважните две прашања со кои треба да го започнеме и завршиме секој ден е: Зошто некој сака да верувам во ова? Каде се фактите?
Работите се такви какви што се, а не такви какви што пропагандата сака да ги прикаже. Нема пропагандна машинерија што може да го промени тоа. Вистината секогаш излегува на виделина. Или не?
Можеби, ако се појави Мијалков или ако биде уапсен, и тоа ќе биде „договорено“ според пропагандата… Што мислите вие, драги читателки и читатели? Ако не па, да почекаме став од началникот Латас и неговото Ивонче Милионче?