пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Крајно време е граѓанското општество да преземе иницијатива и едногласно да ги отфрли говорот на омразата и повиците на насилство во јавната комуникација. Пораката околу која има огромна потреба да се согласат организациите на граѓанското општество, медиумите и пошироката јавност е едноставна. Политичкото несогласување не е и не смее да се претвори во непријателство и повици на пресметка до истребување. Тоа е спротивно на сите правни и морални принципи на функционирање во едно демократско општество.
Никаде не водат црните кампањи и опструкциите во законодавниот дом и секаде каде што се донесуваат одлуки – општини, институции, училишта, болници, јавни установи и претпријатија – секаде. Непријателскиот однос кон политичките неистомисленици во интерните комуникации и во јавноста, кој го практикуваат одредени центри на моќта во политиката и во институциите, директно ги загрозува човековите права и слободи, интересите на поединците и заедниците, а во голем број случаи имаат потенцијал да ја загрозат и стабилноста и безбедноста на земјата.
Дезинформациите, теориите на заговорот, говорот на омразата и повиците на насилство не се ништо друго освен гола борба за власт со најцрните можни средства, кои се спротивни и на законот и на сите демократски стандарди. Политичкиот профит врз грбот на интегритетот на институциите е краткотраен и не им носи ништо добро ниту на јавноста, ниту на државата, па дури ни на оние што водат таква политичка борба.
Одредени политички партии, вклучително и нивните лидери и високи партиски функционери, пратеници во парламентот, па и раководители на јавни институции, со години ги злоупотребуваат своите функции, јавните ресурси и привилегии за да шират дезинформации, омраза, страв и поделби во македонското општество.
Граѓанките и граѓаните не ги плаќаат политичарите да сеат омраза и непријателства, не ги плаќаат да им штетат на институциите и на демократските процеси, туку да работат и да носат одлуки за добробитта на општеството и државата.
Одамна е познато дека мета на деструктивните кампањи се политичките противници, но и активистите, новинарите и интелектуалците. Кампањите се ужасни: се повикува на леење крв, убиства и линч, се навредува и плука со крајно погрдни изрази, се прават фото и видео монтажи, дрско се лаже и се клевети. Дури ни децата не се поштедени во овие грозоморни кампањи.
Каде започнува борбата? Борбата против ова стрмоглаво пропаѓање на основните човечки вредности не започнува и не завршува во институциите, туку кај граѓанките и граѓаните. Граѓанските организации и медиумите, но и сите свесни и совесни луѓе имаат морална обврска решително да ги отфрлат и да ги осудат оние што лажат, клеветат и навредуваат, сите што шират омраза по било која основа и повикуваат на разни „пресметки“, „казни“ и „истребување“. Несогласувањата се причина за аргументирани, па и жестоки дебати, но не и за омраза, клевети, закани и повици за насилство кон „другите“ и „поинаквите“.
Јавната осуда и отфрлањето на омразата ќе создадат атмосфера во која пропагандните центри ќе се почувствуваат осамено и изолирано, а ќе ги охрабри и институциите да ја спроведат својата законска обврска – заштита на законитоста и на јавниот интерес. Се разбира, тоа институциите можат и мораат да го сторат и без охрабрување од јавноста, но вака ќе биде многу полесно.
НАПРАВИ РАЗЛИКА: ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Текстот е личен став на Авторот.