На денешната прес-конференција градоначалникот на Град Скопје го претстави планот, на сите скопски кандидати на коалицијата на СДСМ, за задржување на младите во Скопје, за среќни деца и родители, за просперитетни млади и студенти.
– Скопје е солидарен град и како таков има должност да вложува и ги поддржува сите, да ги поттикнува да останат и живеат во градот и да создава услови за квалитетен живот на сегашните и идните генерации. Водени од оваа идеја, денес го презентираме заедничкиот план за финансиска поддршка на неколку многу важни категории на граѓани, младите, студентите, сегашните и идните родители. Тие студираат, работат, родителите се грижат децата и со ве период од животот во кој секој денар им е важен. Како родител и градоначалник, знам колку е за нив важна финансиската поддршка во овој период од животот и затоа ние излегуваме во пресрет, изјави градоначалникот Шилегов.
– Прво, го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Ги поттикнуваме семејствата да останат во Скопје, тука да се развиваат и остваруваат. Семејствата со едно дете во градинка ќе можат да заштедат до 150 евра годишно благодарение на помошта на градот и општината, а двојхно или тројно оние кои имаат две или три деца во градинка. Сегашните просечни 1400 денари за градинка во Скопје, ги намалуваме до 700 денари и со тоа ги охрабруваме младите родители да вложуваат во развојот на детето, во неговото здравје и среќата на семејството, нагласи Шилегов претставувајќи ја првата мерка од планот.
– Понатаму, сите ученици од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Родителите ќе можат да задржат до 200 евра годишно во семејниот буџет, ако ја земеме сумата од 2000 денари месечно што денес во просек ја трошат за оваа намена. Оброкот го правиме подостапен за секое дете а на родителите им ги намалуваме фиксните месечни трошоци, продолжи Шилегов.
– За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид кој не е покриен од Фондот. Ја поддржуваме храброста и упорноста за посреќни семејства во нашиот град. Непризнаените хормонски терапии на фондот се минато. Сакате да продолжите да се обидувате и после третиот обид? Градот е тука да финансиски да ве поддржи во вашите планови за семејство, додаде Шилегов за третата мерка од планот.
– За сите средношколци и студенти веќе обезбедивме бесплатен превоз. Сега тие бенефиции ги прошируваме и на оние што продолжуваат со образованието во нашиот град. Со ова сите кои се во процес на образование ќе може да се возат бесплатно во градскиот превоз. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. Со тоа ги поттикнуваме да бидат поактивни во своите обврски и релаксирани во планирањето на својата мобилност низ градот, додаде Шилегов претставувајќи ја четвртата мерка.
-Обезбедуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. Ги поттикнуваме младите да вложуваат во себе, ги елиминираме финансиските тешкотии на семејствата и го вреднуваме трудот, продолжи Шилегов со петтата мерка.
– За секој средношколец од државните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој. Здравата исхрана е неопходна за виталност и здрав живот. Создаваме навики кај младите за здрава и среќна иднина, нагласи Шилегов во претставувањето на шестата мерка од планот финансиска поддршка на овие категории на граѓани.
– Мојот императив е среќни и задоволни граѓани во Скопје. Вложуваме во среќата за идните родители и за сите семејства во градот. Затоа со гордост го најавувам овој пакет на мерки со кој инвестираме во квалитетот на живот. Градот станува еднаков за сите. За Скопје како што јас го сакам, еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот. Постојаната комуникација со секој наш сограѓанин и подадена рака на секој на кого му е потребна е препознатлив пристап за нас. Ни претстои една поинаква приказна во социјалната слика на градот. Од Скопје правиме социјално сензитивен град за посреќни мигови, заклучи Шилегов на крајот од денешната прес-конференција.