Пратеникот од редовите на партијата Левица, Борислав Крмов, на својот Фејсбук профил објави цитата, во кој се повикува на војна.
„Нека има војна велам јас: Го засенува мирот како денот ноќта: Таа е блескаво будна, звучна и полна изблици. Мирот е мртвило, летаргија; замаен, глув, сонлив, нечувствителен, Кориоланус, Шекспир“, објави пратеникот од Левица, Крмов.
Каква порака испраќа пратеникот од македонскиот парламент од редовите на Левица во ваков чувствителен момент за светската безбедност, со одбраниот цитат каде се величи војната, на сметка на мирот?
„Што знаеш ти што е тоа војна, поготово граѓанска, кога не си осетил на своја кожа“ е еден од коментарите под објавата од Крмов.
Инаку „Кориоланус“ е трагедија на Вилијам Шекспир, за која се верува дека е напишана во периодот од 1605 до 1608 година. Претставата се базира на животот на римскиот водач Каиус Марциј Кориоланус. Не знам дали Крмов ја прочитал драмата, но Кориоланус е прикажан како воин, но лош политичар. Уште од првите минути од неговото појавување на сцената, Кориоланус е полн со презир и потсмев за потребите на другите и не се ни обидува да скрие што мисли за нив. Тој е целосно лишен од секакво сочувство за другите луѓе. Како што вели самиот Шекспир за него: „Во него има милост колку што има млеко во тигарот“. Тоа се тие драмски ликови што ги цитира пратеникот Крмов.
И лидерот на Левица, Димитар Апасиев, е во некоја воена еуфорија. Како што може да се забележи од емотиконите што ги употребува, Апасиев кога ги коментира настаните во Украина, се радува на окупацијата и присвојувањето на Путин на териториите од Украина.
„Путин вечерва им ја напраи: “Сакавте Косово, еве ви уште две”, напиша Апасиев на неговиот фејсбук профил, завршувајќи ја објавата со емотикон што се радува и слави“
Ова се Крмов и Апасиев, перјаницата на партијата Левица и пратеници во македонското Собрание.
Ако за момент се занемари опасната пропаганда на споредбата на Косово, со руската инвазијата над Украина, а да се задржиме на вокабуларот, начинот на интерпретација и леснотијата на поимањето на „војната и мирот“ од страна на Крмов и Апасиев, најблаго речено – загрижувачки е со какви „капацитети“ се поигруваат гласачите во Македонија кога им даваат доверба на вакви политички дилетант.
Ј. Ѓорѓиоски