29.04.2022 година
Хомоеротско друштво што љуби туѓи адреси и туѓи матични броеви
Се движев со глувчето низ „непрегледниот свет“ на Твитер, скролав надолу, а може тоа на Твитер е и нагоре, кој ќе го знае. Налетав на видео-исечок на кој Горан Момировски беседи „за новинарството“. Кликнав, се уклучи плеј, а таму, Горан ни вели дека ги знаел луѓето кои ја „штителе“ Владата, се работело за бројка од 40 до 60 души, дури за тие луѓе имал(е) нивни домашни адреси, матични броеви и кој знае што уште „црни“ Горан имал. Значи знае, сака да ни каже Горан М., кои „персони драматис“ ја бранат Владата. Јеботе бог, Ненаде, овој Горан е непреебив, прав Џулијан Асанж.
Си велам, ајде, од чиста љубопитност да ја погледам оваа лакрдија. Се вратив на Алфа ТВ, а тамо вистинска „патриотска“ журка.
Во студиото се збрало фолклорно друштвенце, права хомоеротика. Момировски, Бетмен, оној „чико“ од Еднооки (редовно му го заборавам името), оној што пее, тој де, што бил „национална гордост“ (и жртва за Македонија) и Милосављевиќ, последниот за мене најпристоен, ама сепак, дозволувам да не сум во право.
И, какви ми се впечатоците? Класика: час денунцирање, час хушкање. Дури, едно време ми се присторија како јато од рипки во филмот „Барајќи го Немо“. Во тој филм, рипката Немо се губи во длабочините на Пацификот, а таткото го бара своето синче. Е, така ми изгледаа и овие: зборуваа на инфантилен начин, изгубени, барајќи си го својот татко. Или себе, кој ќе ги знае.
Во таа нивна групировка на едно типично „хомоеротско друштвенце“, татко може да им биде само еден. Новиот десничарски лидер што ќе си го собере своето јато од рипки, само не во големиот и страшен Пацифик, туку ќе ги збере во својата држава, на некои следни „предвремени“ и „парламентарни“ избори. Сите рипки во една држава, свои меѓу своите, па конечно да продишеме.
Сега може да гракнат „непреебивите“: аха, значи се пронајде? Се разбира дека не, мене ми се „фуќка“ за нивните коментари. Само ми беа интересни како феномени, како појави, и како страшно штетни луѓе за јавните работи. Ужасно претенциозни, злонамерни, со огромна доза на цинизам што, од друга страна, ни кажува една друга патологија.
Да одиме со ред.
Мојата теза е следна: зошто да разговарате со новинари и пропагандисти кои симболично ги убиваат најдобрите енергии во оваа земја, ги убиваат најдобрите работи, најдобрите договори и најдобрите вредносни системи? Зошто да се разговара со луѓе кои оваа земја сакаат да ја фрлат низ прозор? Зошто за луѓе кои беа одговорни за пучот во Собранието на 27 април 2017 година им се дозволува медиумски простор, а со тоа, пак, да добиваат нов легитимитет и простор за влијание, што ми дава за право да се прашам: дали денешните медиуми забораваат за какво новинарство се работи?
Сите ние всушност сме рипката Дори. Затоа што национализмот, омразата и конфликтите не се исчезнати од деведесетите наваму. Тие се присутни во овој паралелен систем на моќта, медиумската страховлада и пропагандни војни, тоа матно царство на лажно новинарство кое всушност нема желба да работи за режим, туку има јасна амбиција режимот да го постави.
Медиумскиот полусвет го шири своето влијание така што сериозните медиуми ги третираат како новинари, несфаќајќи дека нивната амбиција е моќ, а не новинарство.
Натаму, тие себе се гледаат како оние кои ги поставуваат владетелите, тие ги поддржуваат вооружените бунтовништва, поттикнуваат убивства за оние кои на патот ќе им застанат, и уште в лице ви се смеат додека им зборувате за кодексот на струката и мислите дека сè е така заради моменталниот владетел.
Таа сила, таа „хелоцентрична багра“ кружи околу својата позната божица на сонцето, па дури и кружи околу моменталниот владетел на поредокот, тој да верува дека тие работат за него, а вистината е дека ќе направат сè владетелот да работи за нив.
Таа новинарска шабанарија, сакаат да бидат тие кои ќе се прашаат, тие кои ќе воздигнат и рушат, затоа што себе се гледаат моќни, важни и појаки од секоја власт и од секој систем. Сè ова не е ништо ново и не е од вчера, ова е еден од ретките континуитети кои ги имаме. И затоа рипката Дори мора да оди на лоботомија или електро-шокови. Да си дојде на умот, да почне да памти и да се сеќава.
Не е повеќе ни симпатично, а всушност е трагично о, ти, тажна и драга Дори!
П.С.
За крај една бесплатна лекција за Момировски и неговото „хомоеротско друштвенце“: граѓани имаат конкретни имиња и презимиња, адреси и места на живеење; на народи во трага не можеш да им влезеш.
27.04.2022 година
На 27 април 2017 чудовиштето од Мордор умре, дали ќе го оживееме зависи од нас граѓаните
Утрово ја читам госпоѓа Жаклина Лазаревска, пратеничка во Собранието од редовите на СДСМ, објаснува жената како ВМРО-ДПМНЕ во 2012, со Законот за плати, им ги укина категориите хранарина и патни трошоци кои од тогаш до сега се дел од ПЛАТАТА на сите просветни работници – патувале или не патувале подалеку од 2 км. оддалеченост од работното место.
Потоа, госпоѓата Лазаревска, аргументирано објаснува и тоа се гледа дека, премногу очигледно и вистински: сака Владата да им ги удоволи барањата на просветните работници. За оние, пак, кои се љубопитни за аргументите на пратеничката Лазаревска, можат да го погледнат нејзиниот Фејсбук профил.
А, сега, ние, да се вратиме на денешниот љубилеен (срамен!) ден, среда, „27-ми април 2017“ година, ден познат по лошо, а тоа е агресијата на популистичкиот и насилнички режим на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, како и упадот во Собранието.
Имено, не е на одмет уште еднаш да ги повториме вистините на кои на сите им дојдоа до глава. Тоа се вистини како популистичко-насилничкиот режим влегува во декадентна фаза и насилство.
Што значи тоа во пластичен превод? Значи брутално, гадно, мизерно и ниско – а како може поинаку? Така популистички режим се разградува и руши. На крајот, популистичкиот режим на Груевски, на денот кога умре, а тоа е 27 април 2017 година, се обиде и да убие. На популистички режим сосема му е сеедно дали ќе умре или убие. Практично, за такви политички партии овие две категории се потполно исти: убиј или умри, за нив тоа е сосема неважно. Практично, за нив тоа е едно те исто.
На 27 април 2017 година се случи ерупција во Собранието, на смртна постела се прпелка смртно ранетиот Мордор. А кој на улиците остана да го брани? Само оние кои беа негова природна клиентела: уличари, просјаци, битанги на изнајмување, угледни локални лунатици, по некоја седикоса бабарога од едниот или од другиот пол, и во целина тоа би било сè.
Денес, таквите, ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува „уставобранители“. Тие, имено, што Груевски или Големиот Инквизитор ги мрази од дното на душата, тие што Груевски ги инструира од Виена – преку мобилен телефон – да влезат во Собранието. Тие насилници кои Груевски ги презираше, оти ако беше обратно, никогаш тоа немаше да им го направи: да ги нахушка или им нареди, сосема сеедно, да влезат во Собранието и убијат.
На популистички режими и популистички партии, најголемите битанги се последните бранители на „вистинските вредности“. За, на крајот, откако ги осудија, тој што им нареди да влезат во Собрание, тој ги испра рацете од нив.
На 27 април 2017 година, почитувани пријатели, се случи ненормален луна парк на „патриоти на навивање“. Од друга страна, би морал да напишам и збор два што значи тоа популистички режим: тоа е, драги пријатели, кога само една партија има право на синтагмата „народ“; и кога таа вели „народ“, таа не мисли на сите жители во државата, јок, море, таа мисли само на своите, а оние другите, тоа се „отуѓени елити“. Значи, популистичките партии ја употребуваат синтагмата „народ“ исклучиво за своите гласачи. Нив, други луѓе или граѓани не ги интересира. И затоа Груевски беше испратен во „стратосферата“ благодарение на Шарената револуција, бидејќи не беше расположена тој да им ја мери веродостојноста на поддржувачите на гласови.
Денес, пет години подоцна, се креира повторно иста атмосфера во која крајниот домет е да се заврши на исто место од кое почна сè. А тоа е некој следен 27 април во кој повторно ќе се вратат истите оние кои го инсталираа тој фамозен датум, истите оние кои се задолжени за сета брука и несреќа во историјата на оваа земја. Се генирира иста политичка атмосфера последниве пет години, така што идејата е повторно најлошите меѓу нас да ги преземат „јавните работи“ онака како што завршија. А завршија во пуч, раскрвавени глави и со обид за убиство.
Наивно е да се мисли дека ако еднаш се напрвил таков преседан, со сигурност ќе се направи уште еднаш. И верувам, како тогаш, така и денес, граѓаните на оваа земја тоа нема да го дозволат. Односно, на крајот на краиштата сè е на граѓаните. Или ќе продолжиме со европеизација, пристојност и дијалог, или повторно ќе го оживееме чудовиштето од Мордор.
25.04.2022 година
Со идејата за рехабилитација на Ќосето, ние покажуваме колку сме всушност „неповратно“ болни
Овде изгледа паметот не ни доаѓа, премногу е очигледно дека градоначалничката на Скопје свесно прави ревизија на минатото, релативизира и ги велича злосторниците.
Вчера осамна вест од „првата скопјанка“, мајката на градот, дека ќе се обиде да го реставрира еден од најголемите крвници на ВМРО, Андон Ќосето. За тој злосторник и убиец, сега скопјани ќе се изјаснуваат на референдум? Граѓаните, вели госпоѓата Арсовска, ќе одлучат што ќе биде со судбината на Ќосето.
Пред само неколку дена се расправавме дали оваа земја почива на антифашистичките традиции, за денес, Арсовска да ги праша скопјани што мислат за реставрација на еден колач и убиец. Па, мислам, може ли полудо? Не знам, веројатно може. А тоа што Андон Ќосето бил будала, без никаква идеја во главата, и тоа што бил главен егзекутор на тајната организација на ВМРО, оној што ги извршувал нарачките за убиствата, а притоа и убивал од задоволство, без наредба, дали тоа е симболот за антифашизмот на госпоѓата градоначаланичка на Скопје?
Од друга страна се поставува неколку клучни прашања: дали Ќосето е мотиваторот на денешното ВМРО? Дали Ќосето е симболот на слободата на денешното ВМРО? Дали можеби за овој споменик не треба прво да се произнесе Уставниот суд? Како е возможно толку мрачна и крволочна фигура да се постави токму пред Врховен суд? Дали Ќосето е нашиот „национален морал“? Дали, пак, Ќосето треба да ги провоцира Албанците, ако знаеме дека „Мавровка“ и Бит Пазар е на само неколку метри од точката на која веќе беше поставен Ќосето?
Ова идеја почнува да ми звучи како дел од некој социопатски клуб. Колач и убиец да се рехабилитира, не само што не е креативно, туку едноставно е антицивилизациски и најблаго речено монструзоно.
Сега некој може да ми рече: а, кој е тоа социопат? Еве, да не одам подлабоко во психоанализа, ќе опишам што вели официјално „Википедија“. Значи, преку „Википедија“ ќе се обидам да опишам што се тоа психопати или социопати:
Арогантни кон жртвите (или „кога волем – волем; кога кољем – кољем“);
Ладни и пресметани;
Често може да се фатат додека работат некои криминални активности;
Не покажуваат емпатија, сожалување и вина;
Лагата е нивниот татко, нивниот татко е лагата;
Луѓето кои ги сметаат за пријатели во состојба се бесрамно да ги измамат;
Често се скриваат позади некоја верска група (ех, зарем тоа не се нагледавме?);
Jозеф Менгеле беше познат социопат и психопат;
Aко од погорните примери не ја препознаете сличноста/идентичноста со овдешната идеја за реставрирање на Ќосето како социопатска и психопатска фигура, најверојатно вие сте еден од нив.
Сега, да ве прашам: можете ли да ја замислите таа држава или таа власт, или тој град да речеме, во кој се реставрираат и рехабилитираат убијци како Ќосето? Можете ли да ги замислите тие луѓе кои, да речеме, утре ќе побараат да се дигне споменик на, што-ти-ја-знам, да речеме на Јозеф Менгеле? Не можете? А зошто да не можете? Па тоа е нашата реалност.
Дали Ќосето убиваше „за нашата нација“, а некои, како Менгеле на пример, убиваа во името на својата болест?
Навистина, зарем не гледате колку овие идеи за реставрација и рехабилитација на Ќосето се навистина бездушни и длабоко болни?
Ненад Јовановиќ