Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Врз основа на искуството на Зелен ЦИВИЛ во комуникацијата со граѓанките и граѓаните, политичките и претставниците на граѓанските организации, како и од мониторингот на медиумите, изборните и политичките процеси, може со сигурност да се извлече заклучокот дека недостига основно разбирање и знаење за тоа што значат зелените вредности.
Едноставно, луѓето немаат доволно информации за идеите, политиките и практиките во врска со зелените прашања и зелените вредности. Тие обично го ограничуваат нивното разбирање и дискусии за комунални прашања, како што е менаџирањето со отпадот или, во најдобар случај, загадувањето на воздухот.
Носителите на одлуки, засегнатите страни и јавноста имаат потреба од основни информации и знаења, со цел да ги канализираат своите постапки, врз основа на релевантни информации и факти. Исто така, недостига специјализиран медиумски простор за вести и мислења за зелените вредности во земјата, особено во однос на поврзаноста помеѓу прашањата за човековите права и другите области за тоа што претставуваат зелените прашања и зелените вредности.
Тој недостиг го надополнува ЦИВИЛ, барем делумно, со веб страницата на македонски, албански и англиски – WWW.GREENCIVIL.MK.
Дури и со најдобри намери, носителите на одлуки би можеле да направат сериозни грешки во практикувањето на моќта на локално и централно ниво, особено во доменот на зелените прашања. Ова ги вклучува и очигледните недоразбирања за тоа што зелените прашања и зелените вредности, всушност, значат и што сè инкорпорираат во нивните дефиниции.
Забележливо е дека дел од проблематичните одлуки на централно и локално ниво се должат отсуство на вистинско разбирање на одржливоста и меѓусебната поврзаност со другите релевантни сфери на социо-политичкото дејствување во општеството. Повеќе од итна е потребата да се разбере меѓусебната поврзаност, односно неделивост на областите како што се социјалната и еколошката правда, антинационализмот, владеењето на правото, родова еднаквост и антидискриминација.
Тие и не само тие се интегрален дел од зелените политики. А тие вредности може да се негуваат и практикуваат единствено во нивната целовитост и неразделивост.
ПС.
Зелената читанка во издание на ЦИВИЛ, со поддршка од Фондацијата Хајнрих Бел е обид да се придонесе кон подобро разбирање на зелените прашања и зелените вредности. Повеќе информации и линкови можете да најдете во соопштението што моите колешки и колеги го доставија до медиумите. Пријатно „зелено“ читање!
Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.