САД ги финализираат плановите за испраќање ракетен одбранбен систем „Патриот“ во Украина. Конечната одлука би можела да биде објавена уште оваа недела, потврдија неколку американски официјални претставници за Си Ен Ен.
Планот за испраќање „Патриот“ во Украина се уште чека одобрение од американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, а потоа ќе оди на потпис кај американскиот претседател Џо Бајден. И двајцата се очекува да го одобрат распоредувањето, изјавија тројца американски претставници.
Откако планот ќе биде одобрен, ракетите „Патриот“ треба да бидат испратени во Украина многу брзо, а Украинците ќе бидат обучени да ги користат во американската воена база во Графенвоер, Германија, изјавија официјалните лица.
Одбранбениот систем „Патриот“ се смета за еден од најдобрите системи за ракетна одбрана со голем дострел против влезните балистички и крстосувачки ракети. Тоа е систем кој може да собори руски ракети и авиони далеку од целите што Русите се обидуваат да ги погодат во Украина, наведува Си-Ен-Ен.
За потсетување, есенва руските сили извршија серија масовни напади со ракети и дронови низ Украина, а Кијив со месеци бара од своите западни сојузници дополнителни, софистицирани системи за противвоздушна одбрана. Неодамнешните руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина ја ставија администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден под дополнителен притисок за снабдување на Украина со ракетниот одбранбен систем „Патриот“.
„Она што се случува на теренот“ ја принуди администрацијата на Бајден да ја донесе одлуката, изјави еден од официјалните претставници за Си-Ен-Ен.