Украинскиот главен град Кијив и неговата околина изминатава ноќ беа повторно нападнати од руски дронови, при што е погодена критичната цивилна инфраструктура, јавува Укринформ. Кијивскиот градоначалник Витали Кличко информира дека инжинерски тимови работат на брза стабилизација на ситуацијата со снабдувањето со струја и греење на граѓаните. Без струја се оставени граѓани од Кијив и Кијивскиот регион како резултат на руските напади, а две лица се повредени.
Украинската противвоздушна одбрана дејствувала изминатава ноќ во Кијив, при што се информира дека над 20 беспилотни летала од иранско производство биле откриени над воздушниот простор на Кијив и најмалку 15 од нив биле соборени.
Изминатата ноќ под жесток напад бил и Днипропетровскиот регион во централна Украина. Руските сили паралелно лансирале дронови, артилериски и ракетни напади врз населени места во регионот. Нема загинати лица во нападите, но се уништени и оштетени цивилни објекти. Само во градот Никопол паднале над 60 проектили.
Во Марханец се уништени над 20 куќи, административна зграда и училишта, додека во Червонохрухоривка биле погодени 11 куќи, гасовод, трансформаторска станица и други зданија, пренесува Укринформ.
Две лица загинаа, а четворица се повредени изминатава ноќ како резултат на руските ракетни напади врз градот Херсон, јавува Укринформ. Во текот на ноќта бил отворен оган врз градот 12 пати.
Жестоките борби продолжуваат во Донецкиот регион, во околината на градот Бахмут, пренесува Гардијан. Британското Министерство за одбрана соопшти дека борци од „Вагнер“ имаат голема улога во борбите околу овој град. Во офанзивните дејствија се вклучени слабо обучени осудени лица од Русија, кои во нападите користат таблети или паметни телефони кои ги водат кон целта за напредување со помош на сателитски снимки.
Во Бахмут, командантите на „Вагнер“ најверојатно остануваат затскриени и даваат наредби преку радио врска, информирајќи се за состојбата на терен со видео снимки од дронови. Ваквата брутална тактика има за цел да ги зачува ретките средства на Вагнер од искусни команданти и оклопни возила, на сметка на полесно достапните осуденици-регрути
Извор: Мета