Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, сублимирајќи ги ефектите во работата на општините во 2022 година, во интервју за Фронтлајн, констатира дека изминатата година немало капитални инвестиции во општините и дека таа година е најниско нивото на инвестирање. При тоа, министерот Пенов во предвид ги зема и објективните и субјективните причини за тоа. Во објективните секако спаѓа енергетската криза која доаѓа по ковид пандемијата кој исто така ги наруши економските текови.
„Сепак забележителна е појавата дека заради енергетската криза трошоците на општините за енергија во првите девет месеци во 2022 се зголемиле за една милијарда денари повеќе од она што го плаќале во 2021. Тоа е огромно зголемување на трошоците. Но за да ги надоместат тие трошоци, општините ги намалиле капиталните инвестиции најдрастично. Затоа пак кај платите секаде има некаков пораст, како и кај договорните услуги. За одбележување е што инвестициите не се намалени само за една милијарда денари, колку што бил трошокот за електрична енергија, туку се намалени за милијарда и деветстотини милиони денари, значи скоро дупло. Тоа е неповолен и неоправдан ефект“, вели министерот Пенов.
Според министерот за локална самоуправа, уште позагрижувачко е што покрај тоа што ги намалиле капиталните инвестиции за милијарда и деветстотини милиони денари, при што најголем пад има во Скопје, зголемени се и долговите на општините за дополнителни осумстотини милиони денари, што говори за катастрофална 2022 година.
Но Пенов наведува и позитивни примери:
„На пример Скопје, каде има најголем пад на капитални инвестиции, нема зголемување на долговите. Општина Карпош пак е лидер во намалување на долговите, речиси до нула. Тоа говори дека останатите општини (градоначалници) работеле многу не економично и не ефикасно во реализација на проектите од интерес за граѓаните. Ако објективни се зголемените трошоци, начинот на ефектуирање е веќе субјективен, работа на менаџирање на водење на општината и одговорност кон граѓаните“, оценува Пенов.
На прашањето какви проекции има за реализација на буџетите во 2023-та ако вака се одвивале работите минатата година, Пенов со одговор дека 2023 година ќе се следи. Тој очекува позитивна промена во овој дел бидејќи енергетската криза го намалува притисокот и дека фокусот кон капиталните инвестиции ќе се зголеми.
Фронтлајн: Во време на енергетска криза имаше барања проблемите да ги реши Владата, иако процесот на осамостојување на општините е во динамична фаза?
Пенов: „Децентрализацијата функционира од 2005 година, тоа се 18 години, а не можеме да почувствуваме промена во преземање на обврските. Тоа значи дека децентрализаџијата се доживува само според системот „дајте ни повеќе пари“, повеќе пари од ДДВ, повеќе пари од други приходи… Тоа и се одвива, можеби со бавна динамика, но се случува. Учеството на општините во ДДВ од три проценти се зголеми на пет, колку што е сега, оваа година ќе биде пет и половина за да стигне до шест и половина до 2025 година.
Но идејата за децентрализацијата, особено финансиската, кога се формираа општините беше нивните буџети да бидат 70% државни дотации, како за образование, за градинки, за пожарни, за култура и друго, а 30 % од сопствени извори на општините, со тоа што најиздашниот извор што е пренесен во општините е данокот на имот. Проекцијата е сопствените приходи, а најмногу преку овој данок на имот, општинските буџети да пораснат на 70%, а учеството на државата да се сведе на 30% и тоа не во апсолутна смисла, ,бидејќи тоа ќе си оди и понатаму.
Еве осумнаеста година соодносот не е променет. Тука воочуваме дека, на пример, комуналиите што ги плаќате кога земате градежна дозвола се исти. Тоа не е социјална категорија. На пример за да се изградат овие големи згради околу нас, тоа е бизнис високо профитабилен. На нив може да им се качат комуналиите дупло, тродупло, бидејќи реално со парите што ги плаќаат, да не споменувам примери, но во централно градско подрачје да изградите 20-30 катница целата инфраструктура треба да се промени“.
Фронтлајн: А зошто не ги зголемуваат?
Пенов: „Од популизам или некои други интереси…“
Фронтлајн: Сега се говори за корупција многу отворено, значи може да има и тоа?
Пенов: „Сега, тешко е човек да обвинува, но може да биде извор… Второ го споменав најизадшниот приход, данокот на имот. Во светските економии третина од приходите, не само во општините туку во една држава, една третина приходи се лични доходи, една третина се профити, една третина е рента од имот, од земја, од станови и тие се најиздашен извор на приход кој ние сме го дале да се финансираат општините. Но тие тука, прво се соочија со неискуство да ги преземат, второ ниска е евиденцијата на објектите кои треба да се даночат. Во градот Скопје градоначалничката тврди дека само 30% од објектите ги има евидентирано, а така е и во другите градови. Имаме општини каде воопшто не е воведен данок на имот. Ние се нервиравме дека Арачиново немаше данок на имот, но ист е случајот и во други општини“, вели Пенов.
Како позитивен пример министерот тој ја наведе општина Кавадарци која целосно успеа да ги воведе имотите во систем. Спротивно на Кавадарци пак е скопската општина Чаир, која има неколку илјади легализирани објекти, а не се внесени во базата на градот Скопје, при што вина има и Градот, бидејќи легализацијата ја верификува градот Скопје.
„Тоа говори за еден неодговорен однос на општините, а кога ќе дојдат проблемите бараат Владата да ги реши“, забележува Пенов и додава: „Па и граѓаните ги гледам во анкетите за проблемот со бездомните кучиња, велат Владата да преземе мерки, иако тоа е во целосна надлежност на општините“, вели Пенов.
Фронтлајн: До кога Владата ќе помага ако напоредно ја турка и децентрализацијата?
Пенов: „Владата помага и ќе помага. Еве сега ги споменав бездомните кучиња, ние во Кавадарци градиме регионален центар за бездомни кучиња. Во Тетово имаме готов проект за полошкиот регион, но треба општината да најде место и да најде начин како ќе се финансира и одржува“.
Фронтлајн: Значи имате неселткитвен пристап во помагање на општините како Влада без разлика за која општина и со каква политичка власт е?
Пенов: „Апсолутно. Општина Штип ја помогнавме со комунално возило, Охрид побара игралиште за мини голф и ние го финансиравме. Заради недистиг на проекти со швајцарската Влада оваа година во Охрид ќе ја реконструираме Кардиолошката клиника, во Струга нефрологија, центарот за дијализа, знаете во каква состојба беше. Сето ова бидејќи не добиваме проекти кои се квалитетни. Затоа и помагаме, еве сега во петокот потпишвме со УНДП ние да изготвиме проекти со кои ќе можат да аплицираат пред европските фондови, бидејќи главниот проблем е недостигот од квалитетни проекти“.
Фронтлајн: Но нели во изборната кампања сите настапија со проекти?
Пенов: „Тоа не се проекти, тоа се само идеи. На пример 250 електрични автобуси за Скопје, тоа е идеја, тоа не е проект. Граѓаните треба да водат сметка на што наседнуваат за време на изборните кампањи. Реално општините немаат изградено капацитет и ние работиме на подигање на капацитетот на општините при што за жал акцентот го ставаме на постојни градоначалници и постојни советници и тука ќе мора да застанеме. Тие ќе си одат. Ние треба да подготвуваме база за да бидат советници и градоначалници кои ќе знаат да работат по европска процедура за да конкурираат за европски фондови за да бидат вистински менаџери“.
Фронтлајн: Советот на градот и градоначалникот се важни функции и треба да работат комплементарно. Но не секогаш е така, како сега во Скопје. Како вие гледате на тоа кој е надлежен за градот, советот или градоначалникот?
Пенов: „Тоа е политички однос. Јас бев осум години градоначачник на Скопје од кои шест години бев во опозиција и немав ни Совет. Значи нема друг избор, ќе менаџираш ќе усогласуваш ако ти е важно да помине некој проект да се реализира, да функционира градот. Тука нема лек одозгора.
Ако ме прашувате конкретно за Скопје, се обидов да разговарам и со градоначалничката и со господинот Славески како претседател на Советот, не за да бидам медијатор туку да укажам дека градот мора да функционира. Не мора да се сложуваат, идејата да постои и Совет и градоначалник е за да има „чек-енд-баланс“. Тој инструмент го користеа и во Парламентот, – ќе те блокирам“.
Фронтлајн: Ама цехот го плаќаат граѓаните?
Пенов: „Почнавме да зборуваме со енергетската криза. Заради неа од ЕУ добивме 100 милиони евра заем. Од тоа требаше да добијат и општините дотации и за струјата, сите, а ќе останеше и за стопанството, ќе можевме пет- шеесет милиони на бизнисот да му дадеме повеќе за да биде конкурентен, но тој е блокиран во Парламентот токму од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а нè обвинуваат или бараат „помогнете им на општините во енергетска криза“.
Фронтлајн: Но еднаш во времето на Заев некои долгови на општините беа покриени!
Пенов: „Да, половината од долговите на општините беа покриени со една акција на претходната Влада, но тие повторно генерираат долгови. Тие се на ниво од 4 милијарди и 300 милиони денари, кои се всушност неплатени обврски кои за време на кризава ги зголемија уште за 800 милиони, а не за капитален проект, туку да ја платат струјата“.
Фронтлајн: Што мислите за институтот – преземање на ингеренциите на градот?
Пенов: „Тоа е најнепопуларната мерка. Ако ме прашувате за Скопје, Владата стои зад проектот пречистителна станица и обезбедила 130 милиони евра од кои 72 милини грант и 60 кредит за кои треба скопски водовод или градот да го враќа, но гарант е Владата.
За Бас Рапид Ситемот 75 милиони евра, гарант е Владата; мостот на Љубљанска кај Сити мол се финансира со средства кои Владата преку ТАВ програмата за неизградбата на штипскиот аеродром беа определени за општините да се финансира тој проект; за универзалната сала, со одлука на претходната влада ѝ се префрлени средства и треба да се реконструира со владини пари а градот да ја направи. Тие проекти стојат и ние се вклучивме да видиме зошто стојат и дали можеме да помогнеме. Гледам дека граѓаните некогаш сакаат поцврста рака и кога беа превозниците, ни велат – земете ги ингеренциите. Но тоа не е начин, мора да се научиме тој што има проблем тој и да си го решава“.
Фронтлајн: Голем проблем што се провлекува со години е загадувањето, има ли решение за тоа?
Пенов: „Постои решение но тоа е долгорочен процес. Ние имаме мерки кои бараме да се почитуваат. Инспекциските служби треба редовно да ја следат состојбата со загадувачите. Ако скопска железарница загадува, треба почесто да се на терен инспекциите. И има илјадници други такви капацитети. Само да влезете во Кожара или во стара Газела, таму има стотици мали приватни фирми кои горат секаков отпад, потоа доаѓа домашното затоплување каде има секаков начин на горење. На долг рок ние мора сите да прејдеме на централно греење и гасификацијата поинтензивно да се аплицира. И да заборавиме на политиката на популизам како што беше кога се воведе дозволата за еко 2 стари автомобили, тогаш Скопје се преполни со такви возила кои загадуваат. Или пак не може да се гради и да се крева прашина и да се загадува со отровните ПМ честички“.
Фронтлајн: На крај, дали размислувате за нова територијална поделба затоа што има многу општини од кои многу се мали општини кои не можат да обезбедат прогрес?
Пенов: „Не е до бројката, еве ќе споредам со словенечкото искуство, Словенија има 212 општини иако сме слични по големина и по број на население. Територијалната поделба кај нас е тешко политичко прашање. Јас бев жртва на таа територијална поделба дека се случува предавство, федерализација. Но, си дојдоа на власт тие што критикуваа и ништо не променија. Ништо. Им заврши мандатот, еве ја иста територијалната поделба. Не е клучот во тоа иако и тоа го разгледуваме. Но, повеќе како асиметрична децентрализација, општини со повеќе надлежности и општини со помалку надлежности. Но, далеку сме уште од нешто конкретно. Податоците од пописот ни се удираат од глава. Имаме три општини во кои 40% од населението е намалено, Центар Жупа, Маврово Ростуше и најзачудувачки струмичко Ново Село“.
Фронтлајн: Кои се идните планови на Владата?
Пенов: „Главен приоритет ќе биде зајакнување на капацитетите на општините, да ги вовлечеме повеќе во овие европски проекти. Замислете ИПА 3 почнала 2021, ние сме 2023, а ИПА 3 ни е отворен само со Бугарија, а во февруари со Грција. Со Албанија со Србија со Косово стои, затоа што правилото е додека не се исцрпи ИПА 2 не се отвора ИПА 3.
Главната оценка и на ЕУ и на сите партнери со кои соработуваме е ниското ниво на капацитет на општините“.
Љубиша Николовски
Камера, фотографии и монтажа: Александар Ризински