Еден од најважните настани во агендата на Состанокот на НАТО министрите за одбрана во Брисел на 14 и 15 февруари, е деветтиот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина кој започна во 10 часот. Состанокот го отвори американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, кој рече дека учесниците се тука да ја потврдат силната поддршка за слободна и суверена Украина.
„Пред речиси една година, Путин ја започна својата неиспровоцирана и неоправдана инвазија на Украина. Путин мислеше дека за неколку дена неговите сили ќе го заземат Кијив и ќе ја соборат демократски избраната влада на Украина. И тој мислеше дека меѓународната заедница само ќе гледа“, рече првиот човек на одбраната на САД.
Тој го цитираше претседателот Бајден кој во своето обраќање до нацијата, минатата недела, рече дека „инвазијата на Путин беше тест на векот… [и] тест за светот“.
Остин истакна дека меѓународната заедница одговори на предизвиците од војната со единство и решителност.
„Беше важно што го исполнивме она што ѝ го ветивме на Украина. Русија не победи. Кијив не падна. И пријателите на Украина не се поколебаа. Во годината откако започна војната по избор на Путин, украинските војници победија во битките во Кијив, Харкив и Херсон. Тие ги потиснаа агресорските руски сили со Javelin, Stinger и други системи донирани од земјите чии претставници се во оваа просторија“, сумираше Остин.
Тој ја истакна издржливоста и храброста на Украина и украинските трупи.
„Светот беше инспириран од издржливоста на народот на Украина и храброста на украинските трупи. И покрај тешкотиите, Украина покажа дека ќе победи. И повеќе земји побрзаа да и помогнат на Украина да се бори за нејзината територија, нејзиниот суверенитет и нејзината слобода“, истакна Секретарот за одбрана на САД.
Според него, присуството на бројните претставници на НАТО и партнерските држави на состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина, претставува доказ дека земјите со добра волја од целиот свет продолжуваат да помагаат. Неуспесите на бојното поле се само привремени, според Остин.
„Заедно, оваа Контакт група јасно стави до знаење дека ќе ја поддржуваме борбата за слобода на Украина на долги патеки – и ќе ѝ помогнеме на Украина да се одржи и да напредува за време на пролетната контраофанзива. Со единство и итност, повторно ќе ја дадеме поддршката што ѝ ја ветивме на Украина“, категоричен беше Остин
Тој додаде дека овие состаноци, почнувајќи од првиот во април, 2022 година, продолжуваат да ја отелотворуваат непоколебливата, трајна поддршка за Украина од целиот свет.
Од Брисел: Џ. Дерала / ЦИВИЛ Медиа