Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој е во Минхен, каде денеска ќе присуствува на 59. Минхенска безбедносна конференција, порача дека „поминаа точно 15 години откако Албанците ја прогласија својата таканаречена независност на Косово“. Рече и дека денот ќе биде ден полн со изненадувања.
„Имаме добри вести што ќе им ги соопштиме на граѓаните на Србија, некои денеска, а некои за седум дена, а се однесуваат на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.
„Она што сакам да им го кажам на луѓето е дека ќе ја заштитиме нашата земја, мирот, но и виталните национални интереси. Нема предавање“, додаде тој.
Во текот на трите дена на Минхенската безбедносна конференција во хотелот „Бајеришер Хоф“ во Минхен, учесниците ќе разговараат за најголемите предизвици на надворешната и безбедносната политика, особено во светлината на руската инвазија на Украина.
„Клучната тема на овогодинешната безбедносна конференција ќе биде руската инвазија на Украина, како пресвртница во глобалната политика и најголемиот европски безбедносен предизвик, како и други прашања“, најавија организаторите.