Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, најави дека следната средба во дијалогот меѓу Белград и Приштина ќе се одржи во Охрид кон крајот на овој месец.
Лајчак на Твитер објави дека се сретнал со вицепремиерот на Северна Македонија, Бојан Маричиќ, на кого му се заблагодарил за силната поддршка за дијалогот.
– Имав одлична средба со вицепремиерот Бојан Маричиќ. Благодарен сум на Северна Македонија за силната поддршка за дијалогот и со нетрпение ја очекувам следната средба за дијалог во Охрид кон крајот на овој месец, напиша Лајчак.
Тој разговараше и со Маричиќ за, како што наведе, прашања од суштинско значење за иднината на Северна Македонија во Европската Унија, јави Танјуг.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорите во Брисел на 27 февруари, најави дека следната средба во дијалогот ќе биде на 18 март во Северна Македонија.