Поддржувачите на косовската вонпарламентарна Социјалдемократска партија денеска фрлаа димни бомби околу зградата на Владата во Приштина, незадоволни од Охридскиот договор од минатата недела, со кој беше предвидено и формирање на Заедницата на српските општини.
Неколку стотици симпатизери на оваа партија, формирана од незадоволни функционери на движењето Самоопределување на актуелниот премиер Албин Курти, најпрвин организираа протестна прошетка низ централното шеталиште во Приштина, а потоа се собраа околу зградата на Владата, јави РТС.
Барајќи оставка од премиерот Курти, тие ги тргнаа сино-жолтите знамиња со територијата на Косово од јарболот на влезот во владината зграда, а на нивно место поставија бели знамиња, покажувајќи дека, според нив, Курти се предал со постигнувањето договор во Охрид. Демонстрантите потоа активирале неколку димни бомби, кои за кратко време го прекриле делот и влезот на зградата на Владата со густ црн чад.
Полицијата го обезбедуваше влезот на владината зграда. За време на протестот немаше други инциденти.
Иако се против Охридскиот договор, и покрај поканата за приклучување, опозициските партии и нивните активисти не присуствуваа на протестот.
Г. Т.