Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои единствени немале граници, а сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници, изјави денеска од Белград премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
„Значи ако излезете на север од овде на Хоргош, на само 200 км, дали се и двеста во прашање, граници нема до Скандинавија, а ако сакате да одите на Балканот на секои 100 км имате граници. И затоа ако некои проекти не ги сакам кога ќе ми дојдат од ЕУ за финансирање, тоа е унапредување на гранична контрола. На нас не ни требаат граници“, порача Ковачевски на заедничкиот прес со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ.
Додаде дека Западен Балкан го замислува како регион без граници интегриран во ЕУ.
„Границите кои што во моментов постојат, меѓу земји кои имаат безцарински режим меѓу себе, кои што имаат пријателски односи, единствено се извор на корупција и на ништо друго“, истакна Ковачевски.