Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така што не е релевантен да зборува за уставните измени, а и многу често ги менува своите ставови, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Постапката за уставни измени треба да почне, оцени Ковачевски и изрази уверување дека Собранието има демократски капацитет за овој процес.
-Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ не е пратеник, така да е нерелевантен да зборува за тоа прашање, а и многу често ги менува своите ставови. Прво кажуваше дека го поддржува Договорот со бугарскиот премиер во тоа време, потоа дека не го поддржува, потоа со премиерот Петков кажа дека поддржува уставни измени, па потоа рече дека не поддржува, потоа рече дека ако некој негов пратеник гласа за уставни измени ќе даде оставка, па им земаше нотарски изјави на пратениците дека нема да гласаат, за потоа да каже поддржуваме уставни измени, но по хрватски модел, па по три дена повторно рече дека не поддржуваат уставни измени, рече Ковачевски.