„Вложувањето кое го правиме во енергетска ефикасност со производство на енергија од обновливи ресурси и забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција“, рече заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи на конференцијата „Недела на циркуларна економија на Западен Балкан“ во организација на Цивил што го спроведува регионалната мрежа ЛогЕкс, на иницијатива на угледната тинк-тенк организација Балкан Форум од Косово, а со поддршка од Rockefeller Brothers Fund од САД.
Во неговото обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека да се зборува за циркуларна економија, значи да се зборува за ефикасноста и ефективноста на економските активности, за тоа како продуктивноста, конкурентноста и економскиот раст добиваат нови развојни патеки кои се одржливи.
„Глобализацијата и економскиот модел на зголемување на потрошувачката и само црпење од природата и природните ресурси во последните декади е драстично зголемен. Следствено на ова, на планетата Земја и се потребни година и пол за да го обнови она што го користиме, односно го трошиме за една година. Како цивилизација се соочуваме со овој дисбаланс, кој се испречува и пред одржливоста на нашата економија“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи ја подвлече важноста за развивање на свеста за потребата од усвојувањето на циркуларниот пристап во економијата, кој веќе не е спореден аспект, туку централна тема која треба да насочува во сè што правиме.
„Првата, можеби и најважна перспектива во трансформацијата на економиите е тие да вложуваат во креирање на производи кои имаат поголема долготрајност и истовремено да можат да се рециклираат за целиот циклус да биде одржлив. Клучен момент во овој процес е и нашето вложување во енергетска ефикасност и производство на енергија од обновливи ресурси. Забрзаното напуштање на фосилните горива е клучниот и највиталниот аспект на зелената транзиција. Ова вклучува проширување на употребата на соларна, ветерна и хидро енергија, како и инвестирање во енергетски ефикасни технологии и инфраструктура“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи во својот говор подвлече дека национална економија која транзитира кон циркуларна не може да го заобиколи развојот на зелената инфраструктура.
„Ова вклучува инвестирање во одржливи транспортни системи, како што се електрични возила, јавен превоз и велосипедска инфраструктура, вклучувајќи и промовирање на енергетски ефикасни згради, зелени површини и одржливо урбанистичко планирање. Промовирањето на локално и одржливо производство на храна и поттикнувањето на здрава исхрана е од витално значење за градење на еко-пријателски систем во земјоделство, кое вклучува поддршка на практиките за органско земјоделство, односно намалување на употребата на хемиски препарати во производството на храна“, посочи Битиќи и додаде дека најзначајните позитивни аспекти кои со себе ги носи транзицијата кон зелена економија е тоа што таа нуди можности за отворање на работни места и социјална вклученост.
„Меѓународната организација на трудот проценува дека глобалната вработеност би можела да порасне за шест милиони работни места преку зелена транзиција. Ова вклучува промовирање на развој на зелени вештини, преквалификација на работниците за зелените индустрии, но и обезбедување на праведна транзиција кон новите работни места. Транзицијата кон зелена економија бара меѓународна соработка и партнерства. Соработката со други земји, споделувањето на најдобрите практики и размената на знаења и технологии може да ја забрза зелената трансформација и да одговори на глобалните еколошки предизвици“, рече Битиќи.
На крајот на своето обраќање, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи констатираше дека во регионална смисла, можеме да се движиме напред кон циркуларна економија само преку заедничка регионална конкурентност, наспроти регионална конкуренција.
„Остварувањето на одржлив и зелен развој не познава физички границите, бидејќи земјината топка е една и единствена, а последиците од глобалното затоплување и ефектот на „стаклена градина“ се чувствува на секоја педа“, рече Битиќи и апелираше дека само преку воспоставување на долгорочен и одржлив модел за раст и развој на нашата национална економија, можеме да креираме општество кое ќе живее и ќе размислува на овој начин.
Тоа и го правиме преку Националната развојна стратегија 2022-2042 која до крајот на годината треба да се усвои во нашето Собрание, кажа на крајот на својот говор вицепремиерот Битиќи.