Триесет и четири години по масовните протести во Пекинг, што беа крваво задушени од армијата, Кина и натаму ги чувствува последиците од најголемите политички демонстрации во историјата на комунистичка Кина. Настаните од плоштадот Тијанмен во Пекинг помогнаа во модернизирањето на кинеската полициска држава, во која денес организирањето такви демонстрации речиси е невозможно.
Повеќе од еден милион Кинези, од кои најголемиот дел студенти, во 1989 година го доведоа во прашање легитимитетот на Комунистичката партија, најголем предизвик за партијата по нејзиното доаѓање на власт во 1949 година. Продемократските демонстрации беа предизвикани од смртта на бившиот партиски шеф Ху Јаобанг, кој уживаше репутација на либерален реформатор. Неговите симпатизери масовно се собраа на плоштадот Тијанмен, каде што останаа да протестираат.
Движењето набрзина се прошири низ Кина, вклучувајќи ги и студентските кампуси. Потоа, стотици студенти во мај 1989 почнаа штрајк со глад на плоштадот, посрамотувајќи ја кинеската Комунистичка партија во текот на посетата на советскиот лидер Михаил Горбачов. Обидите за постигнување компромис завршија со неуспех, а по околу два месеца, во делови на Пекинг беше прогласена воена состојба.
Ситуацијата ескалира на 2 јуни, кога највисоките партиски функционери, вклучувајќи го и Денг Ксиопенг, одлучија да преземат мерки против „контрареволуционерните протести“ и ѝ наредија на армијата да употреби сила за да го расчисти од демонстранти централниот плоштад во Пекинг. Во наредните два дена беа регистрирани повеќе оружени инциденти.
На 4 јуни воени единици влегоа на плоштадот Тијанмен. Се проценува дека стотици, а можеби и повеќе илјади лица се убиени, но конечниот биланс на жртвите и натаму е мистерија, бидејќи никогаш не беше спроведена независна истрага за масакрот. Тогашната кинеска влада првично соопшти оти во инцидентите се убиени 300 лица, вклучувајќи и сто војници, а подоцна да ја намали бројката на 200 жртви. Од друга страна, кинескиот Црвен крст тогаш наведе дека се убиени околу 2.600 лица, најголем дел млади студенти, додека, пак, британски дипломатски извори тврдеа дека бројката се движи околу 10.000 убиени лица.
Одбележувањето на годишнината од настаните на плоштадот Тијанмен е строго забрането во Кина. Кинеските власти секој јуни ја зајакнуваат безбедноста на плоштадот, а безбедносните служби често ги иселуваат од Пекинг активистите за човекови права.
Полицијата во Хонгконг соопшти дека денеска уапсила осум лица во близина на градскиот парк Викторија, од кои четворица поради немири и непристојно однесување, додека властите ги зајакнале безбедносните мерки по повод 34-годишнината од крвавото задушување на продемократските протести во Пекинг. Меѓу уапсените бил и уметникот Санму Чан, кој извикувал „не го заборавајте 4-ти јуни, жители на Хонгконг, не плашете се“, објави Ројтерс.
Безбедноста е значително зајакната низ Хонгконг оваа година, со распоредени 6.000 полицајци, вклучително и припадници на единици за немири и контратероризам, објавија локалните медиуми. Високи функционери ги предупредија луѓето да го почитуваат законот.
Оваа година комеморации се очекуваат на најмалку триесет локации во Северна Америка, Европа и Азија.
Во Пекинг, плоштадот Тјенанмен денеска беше преполн со туристи кои се фотографираа под будното око на полицијата и другиот персонал, но без очигледни знаци на зголемена безбедност.
Група роднини на жртвите под името „Мајки од Тјенанмен“ истакна дека на страдањата им нема крај. „Иако поминаа 34 години, ние, членовите на семејствата на убиените, болката од губењето на нашите најблиски во таа една ноќ продолжува да не мачи“, се вели во соопштението на групата објавено од њујоршката организација Human Rights in China.
Г. Т.