„Никогаш појасни не биле пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ – дека до 2030 година е можно проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот. Војната во Украина ја потсети Европа дека на географската површина на европскиот континент, постои геостратегиска празнина. Ние не треба да заборавиме дека војната во Украина се води на 700 километри од тука каде што денес седиме“, истакна денеска Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој се обрати на сесијата: „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен”, во рамките на Преспа форумот за дијалог, што се одржува во Струга, а на којшто присуствуваат претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската Унија, САД и НАТО.
На сите нас – и на Западен Балкан и на Европа ни се потребни единство и стабилност, за да можеме да зборуваме за поединечните и заедничките перспективи и ова е првото нешто што мора да се има предвид, вели премиерот.
„Ние работиме во рамки на иницијативата Отворен Балкан, во рамки на Берлинскиот процес, ги истакнуваме придобивките од формирањето заеднички регионален пазар, признавањето на дипломите, на работните дозволи, на олеснетите движења на луѓе, добра и услуги – но секогаш пред нас ќе ја имаме примарната цел – соединувањето во европското семејство на народи и држави“, истакна Ковачевски.