Над 200 луѓе се евакуирани, а вонредна состојба е прогласена во 52 града и општини во Србија, откако обилните врнежи предизвикаа поплави, лизгање на земјиштето и одрони, при што се уништени мостови, делови од патишта и оштетена е комунална инфраструктура за помалку од 48 часа, објави РТС.
Најкритична е состојбата денеска на подрачјето на Краљево каде покрај десетици поплавени куќи, водата однела и половина од мостот на Ибарската магистрала што води кон југозападниот дел на Србија.
Во Крагуевац вода навлезе во ургентниот оддел на Клиничкиот болнички центар, кој беше принуден да го измени режимот на работа и да прима само пациенти кои се во животна опасност. Бранот поплави се движи кон југ.
Според извештаите на РТС, екипи на пожарникари и спасувачи од Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи интервенираат во населените места во централна и западна Србија каде се излеале реки и локални водотеци во Јагодина. Трстеник, Брус, Косјериќ и Сокобања.
Најголеми штети се причинети на стотици куќи и станбени згради, јавни институции, вклучително и болници, илјадници хектари земјиште се под вода. Поројните поплави предизвикаа големи штети на патната инфраструктура.
Републичкиот хидрометеоролошки завод предупреди дека денеска се очекуваат обилни врнежи од дожд на истокот и југоистокот од земјата, а можен е и висок водостоја во сливовите на најмалку три реки на истокот од Србија, за што ќе бидат потребни вонредни мерки за заштита од поплави.
За утре попладне метеоролозите најавуваат намалување и прекин на врнежите.
Г. Т.