Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануеле Жиофре денеска изјави дека е од големо значење да се одржат нови избори во северниот дел од Косово на кои ќе учествува српското население. Во изјава за новинари во Белград тој нагласи дека доколку ситуацијата не се деескалира, Брисел ќе преземе одредени мерки, како и дека дел од нив веќе се преземени кон Приштина.
„Ситуацијата на Косово е во центарот на нашето внимание, тоа ќе биде тема на разговор денеска на Советот на лидерите на ЕУ, каде Борел ќе поднесе извештај за ситуацијата на теренот. Презентиравме план за деескалација на ситуацијата кој доби поддршка од сите земји членки. Многу е важно да се создадат услови за нови избори на кои ќе учествува српското население и да има инклузивен изборен процес, рече Жиофре.
Неговата изјава беше одговор на прашање дали го видел планот на косовскиот премиер Курти што вчера го објави.
Тој додаде дека ЕУ е подготвена да преземе одредени мерки доколку нема деескалација.
„Очекуваме тоа да се случи, политичкиот фокус е на тоа. Веќе нагласивме дека, доколку нема деескалација, ЕУ ќе преземе одлучни мерки, а веќе се донесени одреден број мерки кон Косово во тој поглед”, изјави Жиофре.