Елтон Џон официјално ја заврши својата проштална турнеја „Farewell Yellow Brick Road“ во Стокхолм.
Турнејата траеше речиси пет години и опфати 333 концерти, пренесува NME.
На настапот во Теле2 Арената во главниот град на Шведска, Елтон Џон како последна нумера ја отпеа неофицијалната химна на турнејата – „Goodbye Yellow Brick Road“. Пред почетокот на песната, англискиот музичар одржа говор пред околу 45.000 луѓе во публиката, заблагодарувајќи им се за поддршката во текот на неговата кариера.
Имав прекрасна кариера. Педесет години чисто уживање во музиката, па колку сум јас среќен човек? Немаше да бидам овде да не бевте вие. Купувавте синглови, ЦД-а, албуми, касети… А што е уште поважно, купувавте билети за концерти. Знаете колку сакам да настапувам и концертите ми беа моја линија на животот. Бевте феноменални, порача 76-годишниот пејач.
Песната „Goodbye Yellow Brick Road“ е издадена во 1973 година и беше втор сингл и насловна песна од седмиот студиски албум на Елтон Џон. Таа стигна до првите 10 на топ листите во Велика Британија, САД, Австралија, Канада, Ирска, Нов Зеланд, Норвешка и Јужна Африка.
Г. Т.