ЏАБИР ДЕРАЛА
Кои се елементите на примитивната уличарска постапка на Левица со таблата на Парк Украина во Чаир? (Во Чаир се отвори Паркот Украина на 7 јуни, пред општинскиот објект, на 12 јули едната страна од таблата со натпис Парк Украина беше ишарана со спреј, а на другата беше залепен натпис Парк АСНОМ.)
Прво, тоа е вандалски чин. Но тоа, во случајов, е најмалку значајно. Може да се претпостави – среде густите испарувања од недозволени супстанци, во штабот на оваа екстремистичка група дошле до „креативно“ решение. Во една вандалска постапка да внесат повеќе елементи. Сите елементи говорат за подмолни и примитивни ликови.
2. Испраќаат порака до Москва, дека се тука, верни послушници и промотори на руската злосторничка машинерија. Кутрите мали рашисти, па Москва тоне! Ништо не им значи ова „херојско“ дело.
3. Бесрамно злоупотребуваат еден светол настан на кој се темели маледонската државност – АСНОМ. Нема потреба да се објаснува колку ова е подмолно и злобно, а истовремено плитко и глупаво.
4. Го прават тоа во мултиетничка општина, пред самата општинска зграда, да ја доведат локалната заедница во заблуда и да предизвикаат говор на омразата, поделби и тензии.
5. Тие се „бестрашни“, па се снимиле со камера и го објавиле тоа видео на социјалните мрежи. Тоа го открива нивното чувство на неказнивост, а можеби и намерата да предизвикаат уште поголем инцидент од кој ќе излезат „маченици“.
Мислено, мислено, а на крајот испаднало само – тапоглаво. Таблата ќе се поправи, а за спомен ќе остане само срамот.
ЦИВИЛ излезе со остра осуда на овој подмолен чин и ги повика релевантните институции да преземат чекори соодветни на законите. Ја повика и јавноста да го отфрли и осуди овој чин.
Се разбира, немаше место за ова соопштение во голем дел од медиумите. Мора да се чува место за криминалците во политиката, нели?
Едно е јасно. Ако институциите продолжат со вообичаената практика на молчење и занемарување и ако јавноста не го осуди ова и ваквото дејствување, екстремистите (од било која страна) ќе продолжат да уживаат во својата неказнивост. Поточно, екстремистите ќе уживаат во неказнивоста, а продолжат јавниот линч и операциите за дискредитација и уништување на прогресивните поединци и групи во општеството.
Според мене, ова воопшто не е мал инцидент, а може добро да послужи како пример што ни се случува во општеството.
ПС. Рашистичката партија со лажен назив, кој упатува на спротивна идеолошка основа, и нивното шефче ме тужеа пред некоја година. Неодамна и шефчето на нивната поголема политичка сестра подигна дури две тужби против мене (првостепениот суд експресно ме осуди). Во овој, како и во претходните текстови, тврдам дека е изнесено лично мислење и вредносен суд и нема елементи за тужба, но никогаш не се знае. Важно е, драги мои читателки и читатели, дека вие и јас не им се плашиме.
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0.