Обвинителството на БиХ потврди дека во таа земја е уапсен маж поврзан со терористичката организација Исламска држава (ИД), кој планирал да изврши терористички напад во БиХ и затоа од државниот суд било побарано да му одреди притвор.
Како што се наведува во соопштението на Обвинителството на БиХ, станува збор за Мирза Капиќ (42) кој живее во Зеница, претходно бил осудуван за кривични дела поврзани со тероризам и за учество на боиштата во странство.
Капиќ е уапсен кон крајот на јули од страна на членовите на Државната агенција за истраги и заштита (СИПА).
Тој е обвинет дека минатиот месец користел апликации за комуникација за да контактира со луѓе кои поддржуваат радикални движења и приврзаници на ИД. Во преписките кои ги откри полицијата, тој потврдил дека минатиот месец планирал напад со експлозив врз џамија во Босна и Херцеговина.
Од лицата со кои контактирал побарал упатство за изработка на експлозивна направа со детонатор.
Неговиот план бил да ги нападне приврзаниците на Исламската заедница во БиХ кои објавуваат прогласи против исламските радикали и кои, како што тврди, ги пријавуваат поддржувачите на радикалните движења и ИД во полициските агенции во БиХ.
При апсењето полицијата ја одземала електронската опрема што ја користел Капиќ и на истата сега се врши дополнително вештачење. Тој е осомничен за кривично дело тероризам.
Г. Т.