Европската комисија (ЕК) е загрижена од најавените измени во Законот за државјанство на Србија, кои би можеле да ги олеснат процедурите со кои странските државјани би можеле да добијат српски пасош, јави дописникот на МИА од Белград.
-Комисијата изрази загриженост дека планираните измени на српскиот Закон за државјанство може да претставуваат ризик за јавната политика или безбедноста на Европската Унија (ЕУ), со оглед на тоа што граѓаните на Србија уживаат безвизен пристап до ЕУ, се наведува во писменото соопштение од ЕК доставено до Радио Слободна Европа (РСЕ).
Во него се додава дека преку поедноставени процедури, граѓаните на трети земји на кои инаку би им била потребна виза за патување во ЕУ, тоа би можеле да го сторат без виза.
Во оваа насока, се потврдува дека ЕК е запознаена со големиот број населени руски државјани во Србија по почетокот на руската агресивна војна против Украина.
-Европската комисија внимателно ја следи ситуацијата и редовно се распрашува кај српските власти за присуството на руски државјани во Србија. ЕК побара од Србија да ја земе предвид нејзината загриженост, се наведува во писменото соопштение.
Надлежните од ЕК ја потсетуваат Србија дека како земја кандидат за полноправно членство во ЕУ се очекува постепено да се усогласи со политиките и одлуките на ЕУ.
Во годината на руската инвазија на Украина, стотици илјади Руси побараа привремен или постојан престој во Србија. За седум месеци од 2023 година, пристигнале во речиси ист број како и во целата 2022 година.
Во 2022 година, бројот на руски државјани кои добиле српски пасош се зголемил тројно во споредба со годината пред инвазијата. Овој тренд продолжи и во 2023 година.
Законот за државјанство дозволува Владата да одобри државјанство по посебна постапка под одредени услови.
Како што е дефинирано во законот, државјанството се доделува според таа процедура доколку „приемот во државјанство би претставувал интерес“ за Србија.
Според одлуките на Владата на Србија до 21 август српско државјанство добиле 76 граѓани од други националности. Повеќето од нив доаѓаат од Русија.
Претходно оваа година, ЕК предупреди дека Србија ќе го ризикува безвизниот режим поради поедноставените процедури за добивање српско државјанство.
Србија е меѓу ретките земји во Европа што не воведе санкции кон Русија и има директни летови со Москва од почетокот на руската инвазија на Украина.