Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ја посети Лампедуза за време на викендот, откако оваа недела илјадници мигранти пристигнаа на тој италијански остров. Таа прво ќе се сретне со премиерката Џорџа Мелони во Рим, изјави портпаролот на претседателката на Европската комисија Ерик Мамер на маргините на настанот во Ханау, Германија, пишуваат италијанските медиуми.
President @vonderleyen will be travelling to Lampedusa tomorrow on the invitation of Italian PM Meloni.
— Eric Mamer (@MamerEric) September 16, 2023
Мелони и Фон дер Лајен планираат потоа заедно да ја посетат Лампедуза. Мелони вчера ја повика Фон дер Лајен на Лампедуза да добие впечаток околу „сериозноста на ситуацијата“ со која се соочува Италија. Италијанската премиерка повика на операција на ЕУ „веднаш“ да се запрат чамците со мигранти.
Доколку е потребно, треба да се распореди и морнарицата, истакна Мелони во синоќешното видео обраќање. На мигрантите не треба да им се дозволи да патуваат до европското копно од Северна Африка, според Мелони.
Од почетокот на неделата неколку илјади мигранти пристигнаа со брод на Лампедуза, мал остров меѓу Сицилија и Северна Африка.
На островот за еден ден пристигнале рекордни 5.000 луѓе, а прифатниот камп е преполн. Поради близината со тунискиот крајбрежен град Сфакс, Лампедуза е една од главните дестинации за мигрантите кои се обидуваат илегално да стигнат до европските брегови од Северна Африка.
Градскиот совет на Лампедуза во средата прогласи вонредна состојба. Мелони дојде на власт во октомври минатата година со ветување за сузбивање на илегалната миграција, но оваа година во Италија пристигнаа речиси 126.000 мигранти, речиси двојно повеќе отколку во истиот период во 2022 година.
Таа додаде дека Владата ќе се состане в понеделник за да усвои итни мерки, вклучително и барање од војската да изгради поголеми прифатни центри за сместување илегални имигранти и продолжување на временскиот рок дозволен за престој во прифатните центри.
Г. Т.