Руските окупатори ги мачеле Украинците толку брутално што некои од нивните жртви ги загубиле животите, а семејствата ги принудувале да слушаат додека силуваат жени од соседството, соопштија денеска членови на истражната комисија на ОН, во нивните најнови наоди од теренот.
Ерик Мозе, претседател на Комисијата за истрага за Украина под мандат на ОН, изјави пред Советот за човекови права на ОН во Женева дека неговиот тим „собрал дополнителни докази кои укажуваат дека тортурата од руските вооружени сили во областите под нивна контрола била широко распространета и систематска“, пишува Ројтерс.
– Во некои случаи тортурата била толку брутална што предизвикала смрт на жртвата, рече тој.
Комисијата предводена од Мозе ги посети деловите на Украина кои претходно беа окупирани од руските сили, како што се регионите Керсон и Запорижја. Утврдено е дека тортурата главно се одвивала во притворни центри под контрола на руските власти.
Комисијата претходно соопшти дека дејствијата на руските сили во Украина, вклучително и мачењето, може да претставуваат злосторства против човештвото.
Русија негира дека извршила злосторства или дека нејзина мета се цивили во Украина. Москва доби можност да одговори на обвинувањата на сослушување во Комисијата, но ниту еден руски претставник не се појави.
Г. Т.