„Ако сакаме да имаме одржлива држава треба да ни бидат трите пилари битни, економскиот, социјалниот и животната средина. Ниедно не смее да му смета на другото. Мора да има баланс. Кога ќе има балансиран развој на секој пилар, ќе имате одржлива држава“, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, во интервју за ЗЕЛЕН Цивил.
Министерката зборуваше и за приоритетите на министерството, перспективите на клучните зелени прашања, но и предизвиците и реалните состојби во креирање и имплементирање на зелените политика.
ЗЕЛЕН Цивил: Колку е реална зелената агенда на Северна Македонија?
Шукова: Зелената агенда ќе биде реалност во Северна Македонија, ако си ја сработиме домашната задача. Ние почнавме да си ја работиме домашната задача. Ние сме во фаза на изработка на акционен план за зелена агенда, го координираме ние како министерство, таква задача добивме од Владата и ќе го направиме тоа. Овој акционен план ќе биде пандан на Регионалниот акционен план за Западен Балкан. Тој произлегува од софиската Декларација и опфаќа повеќе сегменти. Во него ги детерминираме сите идни активности што треба да ги направиме и тоа во делот на декарбонизација, циркуларна економија, борба против загадување, одржливост на земјоделието, производство на храна и заштита на природата и биолошка разновидност. Има повеќе сегменти. Сите се поврзани и зависат меѓусебно. Битно е точно да утврдиме мерки, активности, временска рамка и финансии како сето тоа да се спроведе.
ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Каков е впечатокот на ЕУ во контекст на зелените политики?
Шукова: Ваква беше порака од Брисел: Знаете каде сте, знаете што сакате, на добар пат сте, имате добра регулатива која е усогласена со европското законодавство, ви недостасува уште добра имплементација. Има имплементација, не дека нема, но животна средина е едно од најскапите поглавја, покрај земјоделие. Знаат дека ни треба многу финансиски средства. ЕУ ни ги нуди како можност и ние тоа го користиме. Прашањето на капацитетите за искористување на финансиските средства е нешто за кое треба сериозно да се дискутира и дебатира во државата. Ние имаме децентрализиран систем и де факто општините се тие кои најголем дел од работите треба да ги спроведат.
Меѓутоа капацитетите во општините, има исклучоци, се слаби. Треба тие да почнат малку да размислуваат во насока на регионално, здружување на цел регион или во рамки на нивен микро регион, да си помогнат, бидејќи навистина има многу надлежности, а со еден или двајца вработени луѓе во општината не можете да управувате со животната средина. Мора да се зголемат капацитетите, министерството и централната власт е тука да им помогне во секое време. Ние и преземавме дел од процесите бидејќи видовме дека тоа тешко се спроведува на терен. Ќе помогнеме, меѓутоа мора и тие да си преземат дел од одговорноста.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали постои план, стратегија како да се надминат овие пречки, особено во поглед на експертизата и човечките ресурси?
Шукова: Многу пати се правени анализи за недостатоците, институционалните, човечките, финансиските капацитети. Нешто што е голем проблем, а треба да учествуваат многу во спроведувањето на законите од животна средина се јавните комунални претпријатија кои поради економската криза сега се во сериозни долгови. Во моментот правиме пресек на околу 90 јавни претпријатија што функционираат во државата, какви им се финансиските оптоварувања, односно неплатените долгови најчесто кон државата. Јас ја видов анализата на половина, бројките се фрапантни. Енергетската криза направи сериозен удар на јавните комунални претпријатија, се зголеми цената на енергенсот што го користат, а паралелено не се зголемија цените на услугите. Нема со што да ги покријат тие трошоци што ги направија тогаш и се наоѓаат во многу незавидна положба. Треба сериозно да се дискутира на таа тема кога ќе ги имаме и целосните анализи.
ЗЕЛЕН Цивил: Во кои од областите опфатени со Зелената агенда најмногу се вложува во контекст на креирање политики и нивно имплементирање?
Шукова: Она што сериозно го правиме веќе подолго време е воспоставување на регионалните системи за управување со отпад. ТУка имаме најголемо внимание. Секој што ќе дојде од страна вели имате многу убава држава, но имате и многу отпад кој што е видлив. Немаме стандардни депонии, тоа сакаме да го направиме, ги групиравме регионите два по два, бидејќи не е економски исплатливо да правите депонија на секој регион. Одиме и кон циркуларната економија, односно го насочуваме и стопанството така да се однесува, сите всушност, секој граѓанин во државата за да ги намалиме количините на отпад или да го преработиме отпадот. Секако и да ги убедиме граѓаните дека крајно време е да не го фрлаат отпадот каде ќе стигнат. За жал, тоа го гледаме на сите улици и паркови.
Во делот со управување на води има многу работа, управувањето со речни сливови, собирање и третман на отпадни води, пречистителни станици, водоснабдување. Жално е во 21 век ние сѐ уште финансираме, дури некаде и во централни подрачја во некои општини, системи за водоснабдување и канализација, вклучително и третман.
Влезе во владина процедура и Закон за климатска акција. Првите импресии се дека законот е добро направен, но вклучивме луѓе од индустријата кога се правеше. Така направивме некој баланс за да не биде тоа сериозен удар за индустријата, полека ги запознаваме што ќе треба да се прави. Тоа е една нова материја и ќе ни требаат и тука човечки и финансиски ресурси. Ќе се инвестира доста, а ќе има и доста донаторски средства.
Има многу работа, многу области се, но јас велам дел министерството, дел општините, дел граѓанскиот сектор многу ни помага, секој граѓанин.
ЗЕЛЕН Цивил: Што се случи со пречистителната станица во Скопје, до каде е процесот?
Шукова: Доставивме барање до Европска инвестициска банка, лидер банка во процесот, да не се зема предвид еден од условите, за да можеме да одиме со авансно плаќање. Имаше два услова. Едниот беше експропријацијата, тој е завршен, а другиот услов беше урбаното планирање за кое мислевме дека ќе се заврши побрзо. Тоа не го прави министерството, туку општините каде што е опфатот на станицата. Побаравме тој услов да не биде во моментот не биде задолжителен за да можеме авансно да платиме на компанијата за да излезе на терен и да почне да работи. Очекуваме дека банката ќе ни го дозволи барањето и што побрзо да пристапиме кон авансно плаќање и конечно да почне градбата на станицата.
ЗЕЛЕН ЦИВИЛ: Кои се главните перспективи на клучните зелени прашања во земјата во следните 10 години?
Шукова: Ако ја воспоставиме основната инфраструктура за управување со отпад, тоа што го правиме со европски пари во моментот и со заем што го зема државата. Ако го намалиме загадувањето воздухот, ако воспоставиме управување со речен слив, кој што треба да ни ги даде сите параметри за сѐ останато. Кога зборуваме за пречистителни станици знаеме дека тоа е голема инвестиција, ама знаеме дека утре ќе биде товар и за граѓаните, бидејќи тоа ќе мора да влезе во сметката за вода на граѓаните. Ние мораме да научиме дека услугите за животна средина, ако сакаме да имаме чиста и здрава средина, прво треба да се однесуваме одговорно, секој поединец, да ги плаќаме услугите, но и јавните комунални претпријатија да ни дадат подобри услуги.
Продолжуваме со заштитените подрачја, јас денеска имав состанок со националните паркови и тоа го го направив неколку пати и ќе продолжам да го правам. Веќе сме над 13 %. Само со разговор со националните паркови ние можеме да ги натераме да почнат малку да размислуваат во поинаква насока, иако се на добар пат, морам да кажам. Оние призори со сечата на дрва се помалку ги гледаме. Има многу работи на кои што треба да работиме. Ништо не се прави во животната средина преку ноќ. Јас знам дека сите сме нетрпеливи, но сите заедно чекор по чекор, особено ако се отворат преговорите со ЕУ, позабрзано ќе одиме и подобро ќе биде.
ЗЕЛЕН Цивил: Дали постои политичките консензус околу зелените агенда во земјата?
Шукова: Веќе не станува збор дали треба или не треба да има консензус. Мислам дека сите веќе почнаа животната средина да ја гледаат како еден од приоритетите во државата. За жал, тоа не беше така до пред 5-6 години. Сега кога се дебатира за прашањата за животна средина мислам дека и однапред има консензус. Животната средина кончено го доби своето внимание. Кога се развиваат другите секторски политики веќе без животна средина не се развива секторска политика, за транспорт, за енергетика, за земјоделие. Имаме постојана комуникација со другите сектори и тоа е добро.
Ако сакаме да имаме одржлива држава треба да ни бидат трите пилари битни, економскиот, социјалниот и животната средина. Ниедно не смее да му смета на другото. Мора да има баланс. Кога ќе има балансиран развој на секој пилар, ќе имате одржлива држава. Во моментов има консензус и мислам дека има поддршка од партиите во државата.
ЗЕЛЕН Цивил: На кој начин зелените прашања се злоупотребуваат за политички цели кои суштински не се поврзани со зелените идеи?
Шукова: Секоја партија прави програма за парламентарните избори. Јас учествував во последната програма на СДСМ. Мене ме поканија како техничко лице. Јас реков мора да им понудиме на граѓаните она што е реално. Вие во програмата можете да ставите што сакате. Мора да бидеме реални кога ги правиме програмите земајќи ги предвид, прво човечките капацитети и финансиските капацитети. И да им кажете реално на граѓаните што можат да очекуваат во наредниот период од четири години. Дека се злоупотребува животната средина, за жал, се злоупотребува. Дека има сѐ уште играње со животната средина, има. Не е убаво бидејќи станува збор и за здравјето на граѓаните. Треба да бидеме реални. Да кажеме ова ни е приоритет, секако дека ќе има активности и во помалку приоритетните, не смеете да ги заборавите.
Јас кога дојдов, кажав, приоритет е отпадот, намалување на загадувањето на воздухот, водите. Мора да ги имаме предвид капацитетите кои што ги имаме и да не ја злоупотребуваме терминологијата и зборот животна средина.
Биљана Јордановска / Цивил Медиа
камера и монтажа: Ариан Мехмети