„Додека Вучиќ сака да остави впечаток на балансирање меѓу Западот и Русија, Вулин се смета за отворен симпатизер на Кремљ“, оценува германската агенција ДПА по оставката на Вулин од функцијата шеф на БИА.
Александар Вулин вчера „ненадејно“ поднесе оставка од функцијата шеф на Безбедносно-информативната агенција, јави водечката германска агенција ДПА, а веста ја пренесе Цивил Медиа.
„САД и ЕУ ја бараат мојата глава како предуслов да не се воведат санкции против Србија“, ја цитира ДПА изјавата на Вулин што ја пренесоа медиумите.
Агенцијата потсетува дека Вулин е „близок човек од доверба“ на српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Додека Вучиќ сака да остави впечаток на балансирање меѓу Западот и Русија, Вулин се смета како отворен симпатизер на Кремљ. Тој често ја посетува Москва и одржува оперативни врски со руските тајни служби“, наведува ДПА.
Германската телевизија НТВ на својот портал потсетува дека САД го поврзуваа Вулин со организиран криминал и трговија со наркотици, тврдејќи дека помага и во ширењето на руското влијание на Балканот, за што пишуваше и Цивил Медиа.
Според НТВ, Србија традиционално има добри односи со Русија. „Белград и Москва ги поврзува не само заедничкото православно наследство, туку и нивната задршка кон НАТО.
Се додава и дека Србија е единствената земја меѓу балканските кандидати за ЕУ која не воведе санкции против Русија по нејзината агресија врз Украина.
Г. Т.